Словенечки пратеник си поднесе оставка поради не баш украден сендвич

Дариј Крајчич, словенечки пратеник од редовите на владејачката ЛМШ, си поднесе оставка поради „украден“ сендвич. Само што, баш и не може да се рече дека го украл.

„Стоев околу три минути на штандот. Тројца вработени ме видоа и не ми обрнаа внимание оти разговараа меѓу себе. Така решив да го тестирам нивното внимание“, вели 54-годишниот пратеник, кој револтиран од незаинтересираноста на вработените го земал сендвичот и ја напуштил продавницата без да плати.

Откако никој не го забележал – ни вработените, ни обезбедувањето, Крајчич се вратил и го платил сендвичот, а на вработените им се извинил за „социјалниот експеримент“.

Крајчич за својот „лоповлук“ им раскажувал и на своите колеги од партијата, а никој немал проблем сè додека неговата приказна не стигнала до јавноста. По бурните реакции, и покрај јавното извинување на Крајчич, партиското раководство побарало да поднесе оставка. Крајчич тоа и го направил, наводно по  сопствена волја, како што се наведува во партиското соопштение.

„Тоа е неприфатливо. Тој презеде одговорност и поднесе оставка“, изјави Бране Голубовиќ, шефот на пратеничката група на ЛМШ.

Не успеавме да најдеме информација дали сендвичот барем бил тазе.

- Реклама -