Пратеничката Мира Стојчевска: Син ми е дефицитарен кадар, секако ќе беше вработен

Пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска смета дека нема ништо спорно во тоа нејзиниот син да работи во државна компанија. Таа ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ изнесени од портпаролот Димче Арсовски, негирајќи дека нејзината функција има било каква улога во вработувањето на нејзиниот син Виктор Стојчевски во ЕЛЕМ. Според неа, таа не ни знаела дека синот аплицирал.

„ЕЛЕМ имаше распишано јавен оглас. Мојот син прво аплицирал, па потоа ми го соопшти тоа. Јас сум немала апсолутно никакво влијание во одлуката ЕЛЕМ да го вработи мојот син. Тој претходно работеше во приватна фирма, но работел и во Катастар за недвижнини што исто така е државна институција“, вели Стојчевска во изјава за „Макфакс“.

Од АД ЕЛЕМ велат дека Стојчевски е примен во редовен работен однос и ги исполнува сите критериуми за местото за кое конкурирал.

„Нашите деца секако ќе бидат вработени некаде, според нивните струки и образование. Имајте предвид дека се дефицитарни градежните инжинери. Колку што знам, тој сега е вработен во секторот за инвестиции“, додава Стојчевска.

Претходно во ЕЛЕМ се вработија и ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери и синот на Мирослав Грчев, истакнат член на СДСМ, потсетува МКД.мк.

- Реклама -