Каде македонските студенти го фрлаат ѓубрето? Па сигурно не во Германија, каде што веројатно најголемиот дел од нив планираат да ја поминат својата иднина.
На друштвените мрежи е објавена фотографија која покажува дека на дел од „академските граѓани“ во студентскиот дом „Пелагонија“ во скопска Кисела Вода им е тешко ѓубрето да го носат до контејнер, па го фрлаат директно под прозор.
За разлика од ѓубрето, раководството на домот по сè изгледа мува не го лази (што е евидентно од фотографијата), па не би било чудно и воопшто да нема контејнер (не велиме дека нема, само дека не би било чудно). Но дури и тогаш има алтернативи. Сепак ова се идните академски граѓани, нека бидат креативни, нели? На пример, еве, да прошетаат до следниот најблизок контејнер, можеби?
„Што ќе ни е политика кога нам ни треба колективно некој да ни расчачка по тоа главите и еден добар час по општа култура, хигиена, комуникација, ресоцијализација…”, стои во описот на фотографијата.