Владата осамна без „Влада на Република Македонија“, се прави место за „Северна“

Утрово зградата на Владата осамна без буквите „Влада на Република Македонија“, веројатно за да се направи место за новото државно име согласно Преспанскиот договор – Република Северна Македонија, објави САКАМДАКАЖАМ.мк.

Со ратификацијата на Пристапниот протокол за приклучување на Македонија во НАТО во грчкиот парламент во петокот на 8 февруари, отстранети се сите пречки за стапување на сила на Преспанскиот договор, а новите букви веројатно ја чекаат вербалната нота со која Грција за ова истото денеска треба да ја извести Република Македонија. Веројатно затоа утрово не се забележани никакви активности околу поставување на новите букви на фасадата на Владата, пренесува порталот. По добиената нота, Македонија во Службен весник треба да објави дека е променето името.

Следниот чекор е Република Северна Македонија и Грција да достават заедничко писмо до Генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната спогодба. По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останатите меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени. Сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена“, велат од МНР.

Владата, Собранието и министерствата, пред сè МНР и МО, се очекува да бидат првите кои уште во текот на оваа недела ќе ги постават новите натписи. На граничните премини новите табли со Република Северна Македонија се веќе пристигнати.

- Реклама -