Mакедонскиот „Медена земја“ прогласен за најдобар документарец на „Санденс“ (ВИДЕО)

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, синоќа беше прогласен за најдобар светски документарец на најпрестижниот фестивал на независен филм – „Санденс“ (Sundance). Покрај Главната награда од жирито, Honeyland освои уште две престижни признанија – Специјалната награда од жирито за импакт и промена (1:18:55 во видеото), како и Специјалната награда од жирито за кинематографија, за снимателите Фејми Даут и Самир Љума (1:25:20 во видеото).

Според Офф.нет, „Honeyland“ е првиот што во историјата на Санденс освоил три главни награди, а патем, добитниците на главната награда од жирито на Санденс по правило завршуваат како конкуренти, а неретко и добитници на Оскар.

Моментот посебно вреден за издвојување беше говорот на продуцентот Атанас Георгиев, кој приликата при примањето на Главната награда од жирито (1:29:15 во видеото) ја искористи за да упати апел до „најзагадената земја во светот“:

„Што друго да се каже? … Република Македонија – нашата мала многу загадена земја на која сум многу желен да ѝ ја пратам оваа порака, до сите македонски граѓани и владата: Ве молам, исчистете го воздухот во нашата земја – земјата со најголемо аерозагадување во светот. Ве молам направете го тоа“, порача Георгиев.

„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главната идеја на филмот е да се прикажат припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судирот на два различни начини на искористување на природните ресурси.

 

- Реклама -