Во Чикаго -32 степени, ги палат шините за да не замрзнат (ВИДЕО)

Работниците на железничкиот оператор „Metra“ во Чикаго почнале да ги палат шините за да ги загреат и да спречат снегот и мразот да го блокираат железничкиот сообраќај во градот кој е погоден од рекордно ниски температури.

Како што пишува „Чикаго Трибјун“, се работи за систем на греачи кој се користи и во текот на „нормалните“ зимски месеци, а предизвикува мали, контролирани пожари кои го топат наталожениот мраз.

„Во Чикаго е толку студено што персоналот ги пали железничките шини во Чикаго за да спречи смрзнување“, објавуваат локалните медиуми.

Рекордно ниски температури од -32 степени Целзиусови се измерени во Чикаго во средата – најстудениот ден во последните 35 години. Студениот северен ветер ја намалува температурата за уште околу 20 степени, па субјективното чувство на студ е како да е -53 степени под нулата.

Забележана е и првата жртва од смрзнување во Милвоки во Висконсин, каде во вторникот еден маж е пронајден премрзнат во гаражата. Како последица на големиот студ, досега во неколку држави се загинати најмалку пет лица, јавува „Глас на Америка“.

Температурата во Фарго во Северна Дакота е -35 Целзиусови, а во Чикаго и Милвоки по -32°C. Тоа е постудено и од Антарктикот, каде е измерена температура од -31.7 степени, или од Бaроу (Barrow), Алјаска – најсеверниот град во САД, каде е измерена температура од -20 степени. Меѓутоа, овие температури не го вклучуваат влијанието на ветерот, поради кој во северниот дел на Илиноис реалното субјективно чувство на студот е како да е -49.4 степени.

Што се однесува до палењето на шините во Чикаго, железничките оператори рутински го прават ова за да спречат или поправат „разделувања“ на шините, што се случуваат кога челикот е изложен на нагли падови во температурите и се собира како резултат. Во такви случаи знаат да излетаат завртки, да се јават пукнатини и најлошото – шините да се разделат на местата каде што се спојуваат, т.е. на „зглобовите“ каде возовите поминуваат од една шина на друга. Некогаш празнините што се јавуваат се доволно мали за возовите да ги поминат без проблем, но поголемите собирања на челикот можат да доведат и до излетување на возовите, или во најмала рака – застои за да биде поправен дефектот. Со превентивното палење, се спречува собирањето на челикот и со тоа ризиците од дефекти.

Во видеото на следниов линк погледнете како тоа изгледа од перспектива на патниците:

https://www.kansascity.com/news/state/illinois/article225275400.html

Процесот на палење, пак, е многу едноставен. Се земаат стари платна и запаливи материјали, се потопуваат во масло и се поставуваат покрај шините, па се палат. Некои компании користат продукт наречен Fire Snake, кој всушност е јаже потопено во дизел.

- Реклама -