Контрапротести и во Париз: Црвени шалови маршираа против „жолтите елеци“

Околу 10.5 илјади луѓе со црвени шалови маршираа во неделата во Париз во знак на протест против насилното и вандалско однесување на антивладините демонстрации на „жолтите елеци“.

Според многумина, барем тие од редовите на „Црвените шалови“, движењето на „жолтите елеци“ станува сé поконтроверзно и порадикално. Пресвртницата, сметаат повеќето, се случи кога во демонстрациите во декември беше причинета голема штета на Триумфалната капија во Париз.

„Црвените шалови“, и покрај дождот, марширале од плоштадот Насион до плоштадот Бастилја, носејќи француски, но и европски знамиња, како и транспаренти со „Стоп за насилството“, скандирајќи „Да за демократијата, не за револуцијата“, пренесува францускиот Le Figaro.

Иницијатор на маршот бил инженерот Лоран Сулије од Тулуз, кој идејата ја покренал преку Фејсбук некаде во средината на Декември. Нему подоцна му се придружиле и Црвените шалови – група која е основана кон крајот на ноември во знак на протест против блокадите кои секоја сабота ги поставуваат демонстрантите од Жолтите елеци.

„Не се согласуваме со сите барања на движењето на Жолтите елеци. На пример, барањата за рушење на владата и бруталните напади на институциите“, вели Лоран Сењи од  „Република во движење“ (La Republique en Marche) – партијата на премиерот Емануел Макрон.

 

Протестите на Жолтите елеци се одржуваат веќе 11-та сабота по ред. Обично прераснуваат во судири со полицијата и палење на автомобили, канти и други објекти на улиците. Во блокадите на улиците и патиштата досега загинаа 10 демонстранти, а од почетокот на протестите од 17 ноември, досега се повредени околу 2.000 луѓе.

 

- Реклама -