Бангкок растерува загадување со дронови што прскаат вода

СПОДЕЛЕТЕ

Неделава аерозагадувањето во Бангкок, Тајланд, се искачи на опасно ниво – 185 микрограми на метар кубен ПМ2.5 честици, кои поради малата големина (2.5 микрони во дијаметар) можат да навлезат длабоко во белите дробови. За потсетување, сé што е над 150mg/m3 се смета за опасно по луѓето, додека 50 и помалку се смета за прифатливо.

Од таа причина, властите се решија да испробаат необичен пристап – со дронови да го испрскаат загадувањето од небото. На фотографиите од тест-прскањето спроведено во вторникот (22 јануари), се гледа мала флота дронови кои прскаат вода и „безопасен хемиски спреј“ во обид да елиминираат дел од загадувањето, пренесува Bangkok Post.

Како што соопшти претставник на тајландскиот владин Институт за одбранбена технологија, дроновите прскале помалку од 1 час, а успеале да ја намалат концентрацијата на ПМ2.5 честиците во просек за околу 10 микрограми по метар кубен.

Официјалните лица потсетуваат дека тестот е спроведен во релативно мал парк, па не е јасно дали истата шема би била применлива и врз целиот град.

Во меѓувреме, во остатокот од Бангкок, борбата со загадувањето се одвива со „подиректни“ методи – со прскање од црево од цистерни. А заштитата – со маски.

 

- Реклама -