Законот за јазици објавен во Службен весник, потпишан од Џафери

Претседателот на Собранието – Талат Џафери, вчера вечерта на својот официјален Фејсбук профил објави дека Законот за јазици е објавен во Службен весник. „Законот за употреба на јазиците и во Службен весник“, пишува кратко Џафери, прво на албански, а потоа и на македонски. Во постот е вклучено и албанското знаме.

Со објавувањето во „Службен весник“, законот и официјално стапува на сила, па покрај македонскиот во институциите, службен јазик станува и албанскиот јазик, кој ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт, потсетува „Телма“. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.

Сите закони и други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик, исто како и владините одлуки.

Двојазичност ќе има и на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението.

На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик, називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страници.

Законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Објавувањето на законот во „Службен весник“ завчера го најави и вицепремиерот Бујар Османи, во интервју за телевизија Алсат-м, пренесува „Нетпрес“.

„Беше добра случајност што на истиот ден, 11 јануари, беше донесен Законот за употреба на јазиците, на 11 јануари се изгласаа и уставните измени. Но, она што е уште поубаво, е тоа што очекуваме следната недела, претседателот на Парламентот да го формализира Законот за употреба на јазиците, целосно во рамките на законот и Уставот, со што и почнува официјалната примена на албанскиот јазик во централните институции, во целосна вертикала на државни институции. Се разбира, тука почнуваат и предизвиците за правилно, сеопфатно спроведување и имплементација на стандарден јазик”, рече Османи.

За потсетување, Законот за јазици не беше потпишан од претседателот на Република Македонија – Ѓорге Иванов, кој смета дека е противуставен. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера со соопштение го предупреди директорот на „Службен весник“ – Мартин Костовски, дека објавувањето на Законот за јазици е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи казна затвор, и важи како за директорот на „Службен весник“, така и за сите инволвирани.

„Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони. СДСМ уште еднаш ја силува демократијата и го руши правниот поредок во Република Македонија. Веднаш по промената на името, Владата на СДСМ на незаконски и насилен начин ја прави Република Македонија двојазична држава“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Заедно со Законот за јазиците, Џафери до „Службен весник“ го испратил и Законот за ратификација на договорот со Грција, кој исто така не беше потпишан од претседателот Иванов. Претходно, со потпис на Џафери, во саботата во „Службен весник“ беа објавени и уставните измени, кои ќе стапат на сила откако и Грција ќе го ратификува Преспанскиот договор.

- Реклама -