Договорот меѓу Владата и Беса на Билал Касами е прифатлив за осумте пратеници и тие ќе гласаат „за“ уставните измени, соопшти Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пренесува „Макфакс“.
Според Александрова, допрецизирањето на начинот на кој ќе биде напишано државјанството на другите етнички заедници – договорено меѓу премиерот Зоран Заев и Беса, е во согласност со досегашните уставни измени и конкретно амандманот 5, а тие – пратениците од независната пратеничка група, успеале да опстојат на своите ставови и да ги одбранат македонските интереси.
Истовремено е објавено и заедничко соопштение на Владата и пратениците од независната пратеничка група:
„Ја информираме јавноста дека со заедничко учество успеавме да постигнеме договор за конечноста на уставните амандмани и уставниот законик со што се обезбедува најмалку 2/3 мнозинство во Парламентот.
Добивме максимално можно добар текст на уставните амандмани и уставниот законик за спроведување на договорот од Преспа со што уште еднаш се потврдува македонскиот идентитет, внатрешна примена на договорот од Преспа и стапувањето на сила на уставните амандмани.
Уште еднаш потврдуваме дека државјанството е македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, стои во соопштението.