Топлотен бран и горештини во Австралија, се очекуваат температури и до 49 степени

Топлотниот бран во Австралија продолжува да се шири, а метеоролозите најавуваат температури и до 49 степени Целзиусови на западот на земјата.

Зголемена е и опасноста од пожари, а издадени се и предупредувања за квалитетот на воздухот ширум земјата.

Националниот метеоролошки завод за денес прогноризал максимални 49 степени во областа Пиlbara во Западна Австралија. Тоа е само два степени пониска од највисоката температура некогаш забележана во Австралија – кога на аеродромот Oodnadatta во Јужна Австралија во 1960-тите биле измерени 50.7 Целзиусови, пренесува The Guardian.

Покрај во Западна Австралија, пеколни горештини се шират и во Јужна Австралија, Викторија, Нов Јужен Велс и делови од централен Квинсленд.

Температурите на југот од земјата се за 10 до 14 степени повисоки од просечните за ова време од годината.

Јужна Австралија денес се соочува со температури од 40 Целзиусови, додека во Аделејд се предвидени максимални 41 степен, а до 46 степени во Порт Аугуста и Кубер Педи.

Во центарот на Сиднеј температурата ќе достигне 29 степени, додека во сиднејската област Пенрит ќе достигне 39 степени. Во Дабо и Риверина се очекуваат 42 и 44 степени.

За викендов се очекува температурите во Сиднеј да достигнат 32 (во сабота) и 34 Целзиусови (во недела).

Во Нов Јужен Велс е издадено предупредување за квалитетот на воздухот, бидејќи поради екстремно високите температури се зголемува нивото на озонот. Изложеноста на озон ги иритира белите дробови, па луѓето со астма и други потешкотии треба да се посебно внимателни.

Предупредувања за пожари се издадени во големи делови од Западна Австралија, Јужна Австралија и Викторија.

Според моменталните податоци на Националниот метеоролошки завод, топлотниот бран прилично ќе потрае.

- Реклама -