Кавга меѓу Ваљон Беља и градоначалникот на Чаир, Беља завршил со два куршума во потколеницата

Денеска во 17:45 часот, во полиција било пријавено дека на ул. „Лазо Трповски“ во општина Чаир, било пукано во лицето В.Б. (40) од лице кое било заедно со Е.Х., Е.А. и Р.Н.

Медиумите дознаваат дека се работи за функционерот на ДУИ и актуелен економски директор на Клиниката за гинекологија – Ваљон Беља. Според неофицијални информации, настанот се случил кај маркетот „Принц“ во населбата Топанско поле.

 

Според информации на ТВ21, Ваљон Беља му се јавил и побарал средба со градоначалникот на Чаир – Висар Ганиу, во Топанско поле на посочената релација. Беља протестирал зашто му била стопирана платата што ја примал од општината, по што дошло до расправија. Градоначалникот повикал други луѓе, по што настанала тепачка која завршила со пукање.

Неофицијално, Беља бил ранет со два куршума во десната потколеница, како предупредување. Моментално е во стабилна состојба, а од градската болница „Св. Климент Охридски“ соопштиле дека го подготвуваат за во операциона сала.

Во МВР работат на расчистување на случајот.

Беља пред неколку месеци беше поставен на функцијата од редовите на ДУИ. Се прослави во јавноста кога во 2016 година медиуми објавија дека му испратил куршум во салфетка на поранешниот градоначалник на Чаир – Изет Меџити, како закана за исполнување на неговото барање да добие функција.

Беља беше член на невладината организација Реалитети, а во 2010 стана лидер на партијата Албански сојуз. Подоцна оваа партија се спои со ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател. Откако се повлече од ДПА, Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи, по што заврши на Ургентниот центар.

По преминувањето во ДУИ, во јуни 2016, следуваше инцидентот со градоначалникот Изет Меџити. Беља бил приведен во полиција па пуштен. Тврдел дека некој го мести. МВР му поднела пријава за загрозување на безбедноста, а за тој случај уште нема завршница, пренесува 24инфо.

- Реклама -