Лондон тестира нова технологија за препознавање лица на луѓе на улица

Потрошувачите кои деновиве пазарат во центарот на Лондон, ќе бидат снимени со камери со нова технологија за препознавање човечки лица во помала или поголема толпа од луѓе. Лондонската полиција ги повика лондончани да учествуваат во тестирањето.

Снимањето е организирано и се врши во понеделник и вторник во квартот Сохо, на плоштадите Пикадили и Лестер.

Истовремено, во Британија е активна кампањата на организацијата Big Brother Watch, која се противи на ваквите технологии. Оттаму предупредуваат дека употребата на технологија за препознавање лица е „авторитарна, опасна и претставува беззаконие“.

„Надгледувањето на невини лица во јавност претставува кршење на основните човекови права на приватност и слобода на говорот“, истакнуваат организаторите на кампањата.

Експертите, од друга страна, се фокусирани на позитивните страни на технологијата за препознавање лица. Софтверот, според нив, би можел да идентификува бегалци барани од судовите и полицијата.

Според Big Brother Watch, меѓутоа, во досегашната пракса на користење технологија од ваков тип, алармантно голем е и бројот на невините лица што станале осомничени за криминали.

За конкретното тестирање, полицијата се правда дека минувачите се детално известени за што се работи. На граѓаните им се делат флаери на кои јасно им е објаснето дека ги снимаат, велат од полицијата, уверувајќи дека ако некој одбие да биде препознаен од софтверот, нема по дифолт да се смета за сомнителен.

Од канцеларијата на Комесарот за заштита на информациите на Обединетото Кралство, во ноември започнаа истражување кое треба да покаже која и каква технологија за препознавање лица користи полицијата.

Елизабет Денам – која на позицијата Комесар е поставена од јули 2016 година, во блог објавен порано годинава се согласува дека технологијата може да придонесе за „зголемување на безбедноста на јавните места“. Но, предупредува таа, примената на таквата технологија би можела да биде и „посебно вознемирувачка“ и би можела да претставува „голема промена во секојдевието на луѓето, бидејќи би станало легално некој да ги следи и набљудува“.

BBC

- Реклама -