Електрична бандера во село близу Благоевград во Бугарија е адресата на која „живеат“ илјадници Македонци со бугарски пасоши, како дел од измамата со лажни државјанства во Бугарија, вели Катја Матева – поранешен директор за државјанства во бугарското Министерство за правда, за EU Observer.
Матева вели дека локален градоначалник ја регистрирал бандерата како адреса за Македонците кои купиле сертификати во обид да станат „натурализирани Бугари“.
Матева работела во министерството сé до 2016-та, кога била отпуштена, според неа, затоа што не сакала да учествува во измамата. Вели дека државјанствата се плаќале во кеш и среде бел ден, среде институциите во срцето на Софија.
За време на нејзиното 11-годишно работење на таа позиција, Матева проценува дека по најмалку 5.000 луѓе годишно без бугарско потекло добивале лажен (нелегален) сертификат. Се плаќало од 500 до 7.000 евра, зависно од финансиската моќ на „апликантот“.
Поткупите не биле наменети само за „измамниците“, вели Матева. Дури и луѓето со легитимни тврдења морале да платат.
„Сите платија. Никој не доби сертификат без да плати, а ова не се државни такси. Најцинично е што државата тврди дека доделувањето на бугарско државјанство не нé чини ништо затоа што ништо не оди во државната каса и е бесплатно. Но под маса, мора да платите“, вели таа.
Бугарија не е првата и единствената со скандал од ваков тип. Друштво под засилениот европски анти-корупциски мониторинг ѝ прави и Романија, а слични скандали има(ло) и во Кипар, Унгарија и Малта. Повеќе на EU Observer.