„Жолтите елеци“ неимпресионирани од обраќањето на Макрон, најавуваат „петта рунда“

И крајната десница, и крајната левица, и „жолтите елеци“ во Франција се незадоволни од мерките објавени од претседателот Емануел Макрон во одговор на протестното движење, пренесуваат „Франс прес“ и DPA.

Левичарскиот радикален лидер – Жан-Лук Меланшон, како и лидерот на Социјалистичката партија – Оливие Форе, го критикуваат Макрон дека воведува мерки кои ќе бидат платени од обичните луѓе, а не од многу богатите.

Меланшон најавува „петта рунда“ протести за идната сабота: „Петтиот чекор од почетокот на граѓанската револуција во земјата, тоа е широка мобилизација“.

Лидерката на крајнодесничарскиот „Национален фронт“ – Марин Ле Пен, на Твитер напиша дека тоа што Макрон се откажува од некои свои фискални грешки е добро, но го обвини дека тој одбива да признае дека незадоволството е против моделот кој тој продолжува да го оддржува. Како што се изрази Ле Пен, Макрон отстапува чекор наназад, ама само „за да скокне“.

Во Марсеј, Рен и низа други градови, „жолтите елеци“ се подеднакво гневни и по обраќањето на Макрон, пренесува „Франс прес“. Агенцијата цитира дел од реакциите: „маскарада“, „перчење“, „измама“, „залажување“, „дотурање сол на раната“, „масло на огнот“, па дури и „провокација“ – се изразите со кои демонстрантите го оценуваат обраќањето на Макрон.

„Можеби ако Макрон ги кажеше овие нешта пред три недели, ќе го ‘омекнеше’ движењето, но сега е предоцна“, вели 34-годишен учесник во протестите. „Сега (Макрон) се чувствува како заложник, па ни фрла понекоја трошка“, вели друг.

Синоќа Макрон, во надеж да го смири гневот на „жолтите елеци“, објави серија од мерки за зголемување на куповната моќ, признавајќи дека ја потценил кризата. Во 15-минутното ТВ обраќање објави зголемување на минималната плата за 100 евра месечно од 2019 година – без ниту евро дополнителни трошоци за работодавачите, ослободување од даноци за прекувремената работа од 2019 година, како и ослободување од зголемувањето на даноците за пензиите помали од 2.000 евра месечно. Освен тоа, Макрон ги повика и работодавачите кои имаат можност тоа да го направат, да им исплатат на вработените премии на крајот од годината, кои нема да бидат даночени.

Моментално минималната плата е нешто под 1.200 евра месечно, а од даноци се ослободени пензиите под 1.200 евра, дополнува „Франс прес“.

Макрон рече и дека го разбира гневот и очекувањата на луѓето, преземајќи дел од одговорноста.

„Нема да се вратиме вистински кон нормалниот живот ако ништо не се промени. Сега е историски момент за нашата земја“, порача тој.

Макрон исто така вети и дека нема да има било каква осуда за извршителите на насилството и вандализмот кои ги одбележаа протестите на „жолтите елеци“.

Во меѓувреме, стравот од „жолтите елеци“ се прелева и во светски рамки. Египет, на пример, ја ограничи продажбата на жолти елеци во страв дека може да ги снајде истата судбина како Франција. Елеци ќе можат да купуваат само проверени компании и само со полициска дозвола, а не и обични купувачи и граѓани.

 

- Реклама -