Големо откритие: Сондата на НАСА најде вода на астероидот Бену

Астероидот Бену, сликан на растојание од 136 километри од сондата OSIRIS-REx. Фотографијата е објавена на 16 ноември.Изгледа НАСА направи одлична проценка кога реши да прати сонда на блискиот 500-метарски астероид Bennu во потрага по траги од вода. Само една недела откако сондата OSIRIS-REx (од “Origins, Spectral Interpretation, Resource Identification, Security-Regolith Explorer”) стигна на Бену, веќе пронајде хидратни минерали.

Со други зборови, тоа значи дека некогаш постоело изобилство од течна вода во внатрешноста на матичното тело од кое потекнува Бену, за кое НАСА смета дека било карпа со дијаметар од 100 километри некаде во главниот астероиден појас меѓу Марс и Јупитер. Бену, инаку, се смета дека е парче кое се одделило по распрскувањето на тоа матично тело по силен удар со друго вселенско тело пред околу стотици милиони години.

Една од основните цели на сондата е да им помогне на научниците подобро да ги разберат раните почетоци на Сончевиот систем, како и улогата што астероидите како Бену можеби ја одиграле во „доставувањето“ на вода и останати хемиски градбени блокови на животот на Земјата.

Покрај вода, тимот го одбрал Бену и во очекување дека ќе најде органски материјал. Иако сега засега нема откриено такво нешто, од НАСА сметаат дека дефинитивно заминале (пратиле сонда) на правото место, потврдува Данте Лаурета од Универзитетот во Аризона – челник на истражувачката програма.

Како што објавија од НАСА, мерењата од минативе 4 месеци направени од двата спектометри на сондата, нa Bennu откриваат присуство на молекули кои содржат хидроксили – атоми на кислород и водород сврзани заедно. Тимот смета дека овие хидроксили се распространети насекаде низ астероидот, „заклучени“ во глинени минерали.

Една од целите на OSIRIS-REx е и да донесе примерок од Бену на анализа назад на Земјата. Сепак, првото парче од астероидот сондата ќе го „скрши“ не порано од јули 2020-та. Материјалот ќе се врати на Земјата со специјална капсула за враќање, не порано од септември 2023-та, по што ќе биде детално анализиран со низа лабораториски методи и опрема.

Ќе се бара одговор на низа клучни и помалку клучни прашања – на пример, дали астероидите како Бену имаат доволно ресурсен потенцијал да содржат доволно достапна вода за да поддржат исплатливи рударски операции во вселената. Од друга страна, мерењата на OSIRIS-REx на Бену ќе откријат и клучни детали околу силите што влијаат на траекторијата на астероидите низ вселената, што може да ни помогне во иднина да прави подобри проценки за траекториите на потенцијално заканувачките астероиди на пат кон Земјата, велат од НАСА.

„Имаме извонреден астероид за истражување и е исполнување на сонот и чест и привилегија да се биде предводник на ваква истражувачка програма во името на НАСА, САД, но и целиот свет“, вели Лаурета.

Space.com

- Реклама -