Не се закачај со Французите: Макрон е како Луј XVI, а Луј XVI грешките ги плати со главата

Демократијата во Франција ја замени монархијата, но културата на народот да го излева својот гнев на улиците на Париз – не е променета. Денес би можеле да се повлечат паралелели меѓу претседателот Макрон и кралот Луј XVI, кој во 1789 година богаташите ги поштеди од данок и тоа скапо го плати, наведува Томас Адамсон за „Асошиејтед прес“.

Во 1789 година, француските работници бунтуваа на улиците поради зголемувањето на даноците, економската нееднаквост и очигледната недопирливост на владетелот. Слични глетки можат да се видат во француската престолнина и во изминативе денови.

Луј XVI своите потези своевремено ги плати со својата глава, потсетува Адамсон.

Макрон – поранешен Ротшилд банкар кој неговите критичари го обвинуваат дека е „пријател на богатите“, го навлече гневот на јавноста откако лани го укина данокот на богатство, а сега предложи да се зголемат таксите на горивото – за што критичарите и демонстрантите се сигурни дека ќе ги погоди најсиромашните.

Против ова зголемување на таксите, „жолтите елеци“ го приредија најжестокиот париски бунт во последните неколку декади, пљачкосувајќи и палејќи коли во богатите соседства во близина на популарната авенија Шанзелизе. Стотици се повредени, а четворица и убиени.

Зад себе демонстрантите оставија графити во кои е поставен знак за равенство меѓу имињата на Макрон и Луј XVI.

„Ако луѓето го споредуваат Макрон со Луј XVI, тоа е предупредување дека тој не ја научил лекцијата од историјата. Тие не ја сакаат буквално неговата глава, но тоа е силна порака дека се чувствуваат непослушани и игнорирани“, вели социологот Мишел Вивјорка.

Макрон се повлече од зголемување на таксите на горивото, барем привремено, но богатата историја на протести на Франција сугерира дека неговата позиција сериозно е разнишана. Неговото повлекување не ги задоволи демонстрантите, па сега тие сакаат уште повеќе; некои од нив – и да ја срушат владата.

Протестите се така чести во француската историја едноставно зашто често се успешни. Самиот Париз е дизајниран со намера да ги попречи масовните протести по револуциите што рушеа монархии во 19-от век. Вивјорка алудира на широките булевари кои се стеснуваат и спојуваат, како кај Place de l’Etoile, каде што се наоѓа Триумфалната капија.

Но богатата историја на протести ги издржува сите обиди истите да бидат задушени, како што демонстрираа и жолтите елеци викендов. Нови протести се најавени и за следниот викенд, а демонстрантите сé уште можете да ги видите како поставуваат барикади, пишува Адамсон.

 

 

- Реклама -