Малку поинаква книга за Втора светска војна: Нацисти во голема нужда

Холандскиот уметник и дизајнер – Ерик Кеселс, во својата нова фото-книга соодветно насловена „Shit“, нуди колекција од фотографии од Втората светска војна, но од германски војници како вршат голема нужда.

На многу од фотографиите можат да се видат по неколкумина нацисти како го обавуваат „повикот на природата“ седнати рамо до рамо на импровизиран тоалет од дрвена греда поставена над септичка јама, наречена „donnerbalken“ – или во превод, нешто како „громовна даска“. Името го добила поради тоа што овозможувала неколку војници да „грмат“ истовремено. Денес изразот се користи и како германски сленг за тоалет.

Во описот на книгата, авторот Кеселс објаснува дека се работи за еден неистражен аспект од војната кој нема да го сретнете во книгите по историја: „И покрај ужасот и хаосот на војната, некои аспекти на животот едноставно продолжуваат“.

Како се добива идеја за ваква книга? Кеселс вели дека отприлика пред година дена сосема случајно наишол на некои од овие фотографии на Ebay. „Не знам зошто, но постои голем пазар за овој вид на глетки од Втората светска војна“, додава тој.

Освен што фотографиите му се виделе доволно интересни за да ги собере во книга, Кеселс сакал на проектот да му даде и академска тежина, но не успеал да најде релевантни податоци и соговорници што во тоа би му помогнале.

Како и да е, „Shit“ станува реалност, а излегува на 26 ноември.

- Реклама -