Пожарите во Калифорнија го изнесоа на виделина јазот меѓу богатите и сиромашните

На 8 ноември во Калифорнија избувнаа два огромни пожари, а катастрофата сé уште трае и бројот на жртвите и исчезнатите сé уште расте.

Пожарот во Северна Калифорнија се претвори во најсмртоносниот во историјата на државата. Настрадаа и предградијата на Лос Анџелес, каде просечните примања на жителите изнесуваат околу 130.000 долари годишно.

Спротивно на богатите региони, жртвите и исчезнатите се од местата каде годишните приходи не надминуваат 40.000 долари.

Очигледно е; Додека милионерите си ги заштитуваат скапите имоти, обичните смртници умираат во природни катастрофи. Ефектот од пожарите го демонстрира фактот дека иако богатите се далеку повеќе одговорни за климатските промени и со тоа и за катастрофите како оваа, тие трпат само мал дел од последиците. Не само тоа, туку во американската јавност продолжуваат да доминираат главно сториите за трагедиите на познатите и славните.

За да си го заштитат имотот вреден 60 милиони долари, Ким Кардашијан и Канје Вест, на пример, најмија орда приватни пожарникари, што е вообичаена пракса за супербогатите и нивните осигурителни компании. Но медиумите порадо пишуваат за трогателните статуси на сестрите Кардашијан-Џенер и ја подгреваат емпатијата кон нив, притоа целосно заборавајќи да спомнат за приватните пожарникари.

Минатата недела сопругот на пејачката Pink, кој е поранешен тркач во мотокрос, предизвика доста реакции кога на Инстаграм објави снимка од група бели вооружени мажи, со порака дека мародерите/looter-ите (ограбувачите на напуштените имоти) ќе бидат застрелани. И актерката Шенон Доерти мораше да се извинува поради слична снимка со слична порака. Моделот Бела Хадид и актерката/активист – Алисија Милано, беа пофалени дека ги искористиле парите за да си ги заштитат стадата коњи, додека никој пет пари не дава за фармерите, на пример, кои ги губат своите животни во слични катастрофи бидејќи ги немаат средствата за дополнителна заштита. Згора на тоа ја имате и моделката Ајрланд Болдвин, која исто така доби симпатии откако се пожали на грубиот однос од полицијата бидејќи ѝ побарала документи за проверка.

 

А во меѓувреме, за да ги заштитат напуштените имоти на богатите жители на Лос Анџелес од провалници и ограбувачи, властите во реонот распоредија над 200 дополнителни полициски службеници. Осигурителните компании пак ангажираат приватни пожарникарски одреди, главно составени од поранешни и пожарникари во пензија. Многумина најмуваат и приватно обезбедување и лични бодигарди, за да ги заштитат од напади и кражби.

И сепак, генералниот впечаток е дека јавноста го третира мародерството не како симптом на екстремната класна нееднаквост, туку од гледна точка на богатите – како доказ за отсуството на морал кај сиромашните.

И така, контрастот во последиците што пожарот ги остави кај богатите наспроти сиромашните, открива дека способноста да ги минимизираш штетите од пожар и истите да ги возобновиш, зависи и од тоа на која класа ѝ припаѓаш. Тие кои можат да си дозволат скапо осигурување, исто така можат и да си дозволат неколку дена пауза и одмор за да се евакуираат и да си ја спасат покуќнината. Тие имаат и можност да најмат привремени домови каде ќе почекаат катастрофата да помине, односно последиците од истата да бидат залечени.

А според последните истражувања, најбогатите луѓе на планетата причинуваат и најголеми штети врз климата, додека одвај 100 компании се виновни за 74% од глобалното загревање.

Од една страна, тоа само дополнително ја демонстрира неопходноста од суштински дејствија во борбата со климатските промени. Од друга страна, навестува една дистописка иднина во која привилегираните ќе ги искористат сопствените средства, ама и системот, за да ги избегнат и минимизираат последиците од природните катастрофи. Овие другите ќе немаат таква можност.

- Реклама -