Иванов одбил да даде амнестија, па Јанакиески најавил дека ќе бега

Во решението за притвор на Јанакиески, што следеше набрзо по бегството на Груевски, се цитира службената белешка изготвена од страна на МВР, кое дошло до сознанија дека обвинетиот „презема дејствија и активности кои што имаат карактер за организирање бегство“. Врз основа на таа белешка, СЈО побарало притвор за екс-министерот за транспорт и врски.

Во белешката се наведува дека Јанакиески, преку посредник, барал средба со претседателот Иванов, но уште поважно, амнестија за сите лица против кои се водат постапки од страна на СЈО, сметајќи го тоа за последна шанса да се спасат од кривична одговорност и одлежување на затворските казни.

Иванов, преку посредникот, му одговорил на Јанакиески дека нема теорија да го прими, особено не за разговор на таква тема. Иванов истакнал и дека нема намера да се вмешува во судските одлуки, односно нема да ги амнестира обвинетите во случаите што ги води СЈО.

По таквиот одговор, според анонимниот посредник, Јанакиески наводно рекол дека штом е така, и тој ќе бега како Груевски.

Дополнително, според предлогот за притвор до кој дошле од „Телма“, Јанакиески поседувал и банкарска сметка надвор од Р. Македонија, со што би било олеснето неговото бегство во странска држава.

Врз основа на сето ова, а со оглед на фактот дека Груевски веќе (барем засега) ѝ избега на правдата, бил побаран притвор за Јанакиески.

 

 

- Реклама -