Судење на германски болничар: Убил 100 пациенти за да се покаже пред колегите

Поранешниот германски болничар – 41-годишниот Нилс Хогел, веќе отслужува доживотна казна за убиство на двајца пациенти, но сега почнува ново судење врз основа на неодамнешните нови обвиненија за убиство на уште 98 постари лица во болниците во Олденбург и Делменхорст, јавува BBC.

Се смета дека во периодот од 1999 до 2005 година, Хогел усмртил вкупно 36 пациенти во Олденбург, и 64 во Делменхорст.

Сакал да се покаже пред колегите

Додека работел во споменатите болници, Хогел намерно на болните пациенти им вбризгувал големи количини несоодветни лекови, а основен мотив му бил да се покаже пред колегите. Имено, како што состојбата на пациентите по давањето на лековите нагло се влошувала, Хогел секогаш бил првиот што реагирал и ги реанимирал. Но да биде уште побизарно, неговите „реанимации“ често биле неуспешни, а пациентите, наместо да бидат „спасени“, завршувале мртви.

Случајот е од чувствителна природа за целиот германски здравствен систем, особено што роднините на починатите пациенти ги тужат и водечките фигури во здравството дека заташкувале или ги игнорирале сомнежите околу Хогеловите убиства, или дека несоодветно реагирале на ваквите ситуации.

Болничарот „искрено жали“

Според истражителите, Нилс Хогел може да е одговорен за смртта на уште голем број други пациенти, но за такво нешто е тешко да се најдат соодветни докази, бидејќи телата на потенцијалните жртви се одамна кремирани.

Во текот на судењето во 2015-та, кога му судеа за убиство на двајца пациенти, Хогел изјави дека „искрено му е жал“ за направеното, и на семејствата на жртвите им посака „брзо да пронајдат мир“.

На тоа судење изјави и дека „спонтано одлучувал“ да ги убива пациентите.

Ако Нилс Хогел биде осуден и по новите обвиненија, со тоа ќе стане најголемиот сериски убиец во Германија од Втората светска војна наваму.

- Реклама -