Знаевте ли дека во цигарите се додава и шеќер?

Само малкумина од пушачите знаат дека во цигарите се додава и шеќер, а уште помалку од нив се свесни дека додавањето шеќер во тутунот ја зголемува количината на токсини во димот од цигарата, покажува едно ново американско истражување објавено во списанието „Nicotine and Tobacco Research“.

Цигарите содржат природни и додадени шеќери кои ја намалуваат „горчината“ и кои нивниот дим го прават полесен и „посладок“ за инхалирање. Но, нивното присуство истовремено ја зголемува количината на штетни хемикалии во чадот од тутунот, а го зголемува и зависничкиот потенцијал на пушењето, вели Ендрју Сејденберг – доктор по јавно здравје на Универзитетот во Северна Каролина.

Во склоп на истражувањето на е-цигарите, Сејденберг и неговите колеги следеле 4.350 возрасни пушачи. На крајот на истото, учесниците морале да одговорат на две прашања во врска со шеќерите во цигарите: 1) Се додава ли шеќер во цигарите?; и 2) Додавањето на шеќер во цигарите ги зголемува токсините во чадот од тутунот. Дали пред почетокот на студијата некогаш сте чуле за оваа последица од додавањето шеќер?

Според резултатите, само 5.5% од учесниците знаеле дека во цигарите има и шеќер, а само 3.8% знаеле дека со тоа се покачува нивото на токсини во чадот од тутунот. Сејденберг и неговиот тим биле мошне изненадени од ваквите одговори.

Поради евидентно ниската свест за овој аспект на пушењето, тие почнале да работат на информирање на јавноста. Во кампањата организирана во Австралија, на пример, се емитува рекламен спот со песната „Sugar, sugar“, додека на екранот пишува: „Додавањето шеќер и мед го прикрива горкиот вкус на тутунот, но штетноста од пушењето и цигарите не може да биде скриена“.

Уште една важна работа што треба да се знае е дека никотинот во цигарите предизвикува зависност затоа што стимулира ослободување на допамини во мозокот на пушачите, а овие пак предизвикуваат привремено чувство на опуштеност и смиреност. Токму поради привремениот ефект, пушачите наскоро палат (или имаат потреба да запалат) нова цигара. Но кога станува збор за адитивите во цигарите, тие дополнително ги стимулираат никотинските рецептори, поради што многу повремени пушачи стануваат страствени пушачи.

via B92

- Реклама -