Совршено правоаголна санта снимена на Антарктикот (видео)

Неодамна NASA објави фотографија од „сосема необична“ санта мраз со речиси совршено правоаголен облик, предизвикувајќи големо внимание на социјалните мрежи, ама веројатно и понекоја теорија на заговор во зачеток.

Всушност се работи за природен феномен кој и не е така редок и невообичаен. Се работи за таканаречена табуларна (или табеларна, како сакате) санта, која настанува кога поради својата тежина ќе се оддели од матичниот ледник, а изгледа како широка, долга и плосната плоча со стрмни вертикални страни и рамна површина.

Причината поради која рабовите на ваквите санти, како и на оваа конкретната, изгледаат како да се вештачки исечени под прав агол, е тоа што e тазе отцепена и ветерот, морето и сонцето немале доволно време да влијаат на нив, објаснуваат научниците.

Сепак, иако ваквите санти се прилично чести, ова е првпат да биде забележана санта со два прави агли, објаснува Џереми Харбек, еден од научниците од редовите на операцијата „IceBridge“ – која го следи топењето на мразот под влијание на глобалното затоплување, а во чии рамки е и снимена сантата.

Табеларните санти можат да бидат долги и по неколку стотина километри. Оваа на NASA е долга околу 1 милја, а снимена е како плови во близина на ледениот гребен Larsen C на Антарктикот.

Инаку, најголемата регистрирана санта на светот е Iceberg B-15, која се отцепи од Антарктикот во март 2000-та година. Долга беше 294, а широка 37 километри.

- Реклама -