Новинарот Миленко Неделковски кривично ќе одговара за ширење расистички и ксенофобичен материјал во врска со неговиот коментар на Фејсбук, објавен 24ти јули годинава по пожарите во Атика, Грција, кои однесоа десетици човечки жртви.
„Лицето се товари дека преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност. Осомничениот како јавна личност – новинар, на својот јавен профил на една социјална мрежа, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци кои биле засегнати од катастрофалниот пожар“, соопшти Основно јавно обвинителство Скопје.
За ова кривично дело на Миленко Неделковски му се заканува казна затвор од една до пет години.
Според скопското јавно обвинителство, гонет ќе биде само Неделковски, а не и останатите кои со слични коментари се надоврзале на неговиот Фејсбук статус. Образложението е дека Миленко со својот општествен статус и професијата која ја извршува ги поттикнал останатите коментари во јавноста.
виа Канал 5