Чекај, што? Авокадото не е веганско?

Во време кога обичниот човек е поинформиран околу исхраната отколку било кога порано, и во време кога се практикуваат сé построги режими на исхрана, границите знаат да бидат замаглени дури и кај оние најстрогите – веганите. На пример, сигурно сте чуле за многу вегани кои не јадат мед затоа што не сакаат да го искорисуваат макот­рпниот труд на пчелите одземајќи им го основниот извор на храна.

Но што ако ви/им кажеме дека постои аргумент според кој ни обичните овошја и зеленчуци, како авокадото (кое безмалку стана симбол за вегетаријанците и веганите), сепак не се вегански?

Токму тоа беше тврдењето на Сенди Токсвиг, водител на британскиот комичен квиз „QI“. Шоуто е конципирано така што тројца гости-панелисти одговараат на прашања што (според Википедија) се екстремно опскурни, a освојуваат поени не само за точните, туку и за необичните или хумористични одговори. Сепак, почекајте да го чуете аргументот.

Во неодамнешна епизода на шоуто, на панелистите им беше поставено прашање кој од наведените плодови – бадеми, авокадо, киви, диња, тиква – не е вегански. Точниот одговор гласеше: сите од наведените (значи ниту еден од нив не е вегански). Водителката го даде следното образложение:

„Се работи за истото образложение како и кај медот. Бидејќи се многу тешки за природно култивирање, сите овие растенија се потпираат на пчели, кои пак се превезуваат со камиони преку големи дистанци низ земјата“.

Токсвиг зборува за вистинската практика наречана миграторно пчеларство, во кое, како што опишува, пчелите се носат со камиони до полињата со комерцијални растителни култури на кои им треба дополнителна помош околу опрашувањето. А такви, покрај наброените во квизот, се и јаболките и зрнестите плодови (боровинки, малини, капини, итн.). Во контекст на ова, истражувањата покажуваат дека стресот при патувањето (транспортот) на пчелите може да го намали нивниот животен век и ги прави поранливи на болести и паразити.

„Се работи за неприродна употреба на овие животни и има многу храни и плодови што спаѓаат во ваквата категорија“, образложи Токсвиг на QI. „Вишните/црешите, краставиците, марулата… Многу вегански нешта, всушност не се стриктно вегански“.

Луѓето стануваат вегани од разни причини, но многумина практикуваат таква исхрана поради желбата да не соучествуваат во суровоста што им се нанесува на животните од страна на индустрискиот прехранбен систем. По таа логика, нејадењето мед и други продукти кои настануваат од трудот на пчелите сосема има смисла, под услов, секако, пчелите да ги сметате за животни.

Од друга страна, што ли би јаделе веганите ако и бадемите, кивите, тиквите, брокулите, вишните, краставиците, марулата, па дури и авокадата, не се вегански? Па, безбедно е да се рече дека не би имале многу избор. Затоа и се огласија од одредени вегански здруженија, изразувајќи го своето несогласување со аргументот на QI, а со образложение дека: „многу форми на земјоделие инволвираат индиректна штета врз животните, но за жал во моментов е невозможно или непрактично целосно да се избегне уништувањето на други животни во најголем дел од денешното земјоделие“.

Други вегани, пак, велат дека аргументите како овој (во квизот) се само уште една прачка со која се сака да се удри по веганите, сé со цел месојадите да си ја потсмират совеста.

via Мunchies

- Реклама -