Хрватите изненадени од евтините влезници во Скопје

Раководните структури на Хрватската фудбалска федерација изминативе денови беа во Скопје на состанок со челните луѓе на ФФМ, околу претстојното гостување на арената „Филип Втори, на 12 октомври на квалификацискиот меч со Македонија.

Тие се пријатно изненадени од ниската цена на влезниците за следење на македонската фудбалска репрезентација. Имено, најскапиот билет за мечот во Скопје (400 денари или околу 7 евра), е поевтин од најевтиниот билет што беше продаван за првиот натпревар меѓу двете селекции што се одигра на „Максимир“ (9 евра). Најскапата влезница на „Максимир“ изнесуваше дури 40 евра.

Хрватите, според генералниот секретар на ХНС, Зорислав Сребриќ, ќе добијат 1.500 влезници на источната трибина.

„Стадионот арена „Филип Втори“ е прекрасен и има капацитет од 32.500 седишта, а ние во согласност со пропозициите добивме влезници за пет отсто од капацитетот. Всушност, нешто помалку, со оглед дека просторот каде што ќе бидат хрватските навивачи треба да биде адекватно обезбеден. Цените на влезниците за натпреварот со Хрватска се од 4 до 8 евра, а за хрватските фанови ќе се продаваат по 4 и по 5 евра“, изјави Сребриќ за хрватските медиуми.

- Реклама -