Далеку се Македонија и светот од Естонија

Естонија планира да воведе бесплатен јавен превоз, ама во целата земја. Планот веќе некое време успешно се спроведува во главниот град Талин, а ако иницијативата продолжи и во останатите делови на земјата, Естонија може да стане првата во светот каде ќе има бесплатен превоз за сите граѓани.

Талин, градот познат по дигитализираното управување и низата успешни стартапи, денес често го нарекуваат и главен европски град на иновацијата. Оваа година ќе биде одбележана петгодишнината откако градот има воведено бесплатен јавен превоз за сите граѓани, за кој граѓаните на Талин одлучуваа на јавен референдум.

Но освен што Градот ги покрива сите трошоци за превозот, истовремено и профитира. Според директорот на канцеларијата на ЕУ во Талин – Алан Алакула, градот веќе има заработено двојно повеќе отколку што има загубено од воведувањето на бесплатниот јавен превоз, и тоа на прилично неочекуван начин:

Имено, од бесплатните автобуси, трамваи и возови најмногу корист имаат тие на кои им се најпотребни, т.е. луѓето со ниски и средни примања. Меѓутоа, како што истакнува Алакула, бесплатниот превоз на овие групи ја стимулира и мобилноста на оние побогатите.

„Едноставно почесто излегуваат поради забава, во ресторани, барови и кино. Така ги користат локалните добра и услуги, и веројатно е дека ќе потрошат повеќе пари, и тоа почесто. Тоа ги придвижува локалните бизниси“, објаснува тој.

Освен тоа, паралелно и сé повеќе луѓе го пријавуваат Талин за место на постојано живеење, со цел да го користат јавниот превоз“, вели во разговор за Popup City.

Истовремено градот спроведува и низа мерки кои автомобилскиот превоз и превозот со приватни средства го прават помалку привлечен. Пред воведувањето на овие промени центарот на градот беше претрупан со автомобили, но сега ситуацијата е поправена, делумно поради качувањето на цените на паркингот. Откако е понудена добра алтернатива – бесплатниот јавен превоз, граѓаните веќе не се жалеле на скапите паркинзи.

Не само што не се бунат, туку сега граѓаните од останатиот дел на земјата ги бараат истите бенефити како тие што ги имаат Естонците во Талин. Планот е бесплатниот превоз да се воведе и во руралните краеви.

И самиот Алакула истакнува дека Талин не може да биде универзален пример за сите европски градови. Поединечни градови во Полска, Франција и Германија веќе имаат реализирано бесплатен превоз или им е во план, но има и градови кои се потпираат на делумни решенија, како бесплатен превоз за викенди, или пониски цени во периодите вон сообраќајниот шпиц, или пониски цени за пензионерите и студентите. Моментално и Париз размислува да воведе бесплатен јавен превоз, главно за да го намали загадувањето во центарот.

„А кога некој град од таков размер ќе го направи тој чекор, нема сомневање дека и други градови ќе почнат да го следат во таа насока“, нé теши Алакула.

- Реклама -