Се огласија и научниците: Што е постаро – јајцето или кокошката?

Кога бевме мали и возрасните сакаа да ни се перчат колку се попаметни, обавезно ќе ни го поставеа прашањево за да ни го збунат детскиот мозок. И што и да одговоревме, тие ќе нé потпрашаа обратното „Е како е прво јајцето, кога кокошката е таа што го несе?“ или „Е како е прва кокошката, кога мора да излезе од јајце?“. И ќе нé оставеа така збунети, и никогаш не ни го кажуваа вистинскиот одговор.

И така денес кога ќе ги прашате луѓето ќе добиете секакви одговори, секој со своите аргументи и логика. Меѓутоа, за да ја разбистрат работава, се вмешаа и научниците.

Истражувачите од универзитетите Шефилд и Варвик тврдат дека го имаат одговорот. Нивните експерименти покажуваат дека лушпата од јајцето може да настане само од протеин кој се создава во јајниците на кокошката. Тоа значи дека кокошката МОРА да постои пред јајцето.

Тој протеин се вика OC-17 и делува како катализатор кој го забрзува развојот на лушпата, а тврдата лушпа, нели, е потребна за да ја заштити жолчката во која се развива пилето.

До сознанието научниците дошле користејќи суперкомпјутер со кој зумирале во внатрешноста на јајцето и го следеле неговиот развој. Се покажало дека протеинот OC-17 е клучен за поттикнување на кристализацијата во раните стаидуми на развојот на лушпата, така што го претвора калциум карбонатот во кристали на калцит, од кои е составена лушпата.

Кристалите на калцитот можат да се најдат и во коските и оклопите на разни други животни, но кај кокошките се создаваат побрзо отколку кај било кои други. Поточно, кај кокошките се создаваат 6 грама калцитна лушпа во 24 часа.

Па ете, мистеријата за како и зошто ќе остане, но сега е факт – без кокошка нема јајце.

- Реклама -