Да е здрав и жив волкот

Во некоја далечна провинција, речиси целосно отсечена, во почетокот на 20-от век живеело едно сиромашно семејство – маж, жена и нивниот син. Кога момчето имало 15 години, му починале двајцата родители. Му останала само старата трошна куќа и пет овци. Момчето одвај преживувало од тие овци и повремената ситна пара што ја заработувало по селото.

Кога имал 16 години, синот заминал да заврши некоја работа, а кога се вратил имал што да види: во неговото трло имало волк, а сите овци биле задавени… Волкот побегнал, а момчето останало и очајувало, така само на светот и без ништо негово…

Немајќи друг излез, се сетил на соседите кои пошле за Америка, па ги собрал тие шака предмети што ги поседувал и се упатил и тој кон ветената земја.

Се вратил по 50 години, како богат човек, со жена, со деца, и со внуци. Ја посетил и рушевината од куќа во која некогаш живеел, па пошол во црква и запалил по една свеќа за татко му, за мајка му, ама и за волкот.

- Реклама -