Неандерталците палеле огнови со помош на хемиски трик, не само со стапчиња

Откривањето на огнот, поточно тоа како да запалиш оган, е едно од најмонументалните откритија на човештвото. Денес популарната претстава е дека нашите далечни претци тоа го правеле со триење на две дрвени гранчиња, меѓутоа постојат некои нови откритија што сугерираат дека пред 50.000 години Неандерталците всушност користеле прилично паметен хемиски трик за палење оган.

Во извештајот објавен во Scientific Reports, тим од холандски научници зборуваат за нивната анализа на мали парчиња манган оксид најдени во пештерата Pech-de-l’Azé I во југозападна Франција.

За овие мали „блокови“ обично се смета дека биле користени како пигменти/бои при цртање на пештерски цртежи и боење на телото. Но, анализата на научнициве сугерира дека тоа било само секундарна намена на тие мангански парчиња.

Тимот спровел серија експерименти во кои ги испитувал ефектите на манган оксидот (или манган диоксид, како сакате; формулата е MnO2) при палењето оган. Откриле дека тоа хемиско соединение, кое изобилува во природата, може да се користи за намалување на точката на запалување на дрвото, и да ја зголеми стапката на успех на палењето оган. Со други зборови, ако користеле манган оксид, Неандерталците многу полесно можеле да запалат оган. А доказите што покажуваат дека тие всушност и ги дробеле овие мангански парчиња во ситен прав, сугерираат дека баш тоа го правеле – го користеле тој прав како гориво.

До неодамна, многу од експертите веруваа дека Неандерталците изумреле зашто не биле толку когнитивно напредни како нивните Homo sapiens „колеги“. Но, користењето на хемија за да палат огнови би подразбирало доста софистицирано размислување од нивна страна, што може да значи дека биле многу попаметни отколку што првично ги мислевме.

- Реклама -