Жестока дебата во Франција: Дали секс со 11-годишна е силување?

Моментално Франција е преокупирана со дилемата околу тоа дали 11-годишно девојче (или можеби е „девојка“?) може да има доброволен сексуален однос со постар маж, или во тој случај се работи за силување.

Прашањето е централниот дел од судењето во Париз, каде му се суди на маж поради забранет сексуален однос. Тоа е 28 такво судење во Франција.

Минатата година, 11-годишното девојче го следело мажот, кој веќе ѝ пришол, два пати до неговиот стан. Нејзините родители поднесоа тужба за силување, опишувајќи „преплашено дете, неспособно да се брани и шокирано од тоа што му се случило“.

Обвинителството, меѓутоа, смета дека не се работи за силување, барем не гледано од правен аспект, бидејќи односот бил доброволен и не е извршен никаков физички притисок врз малолетничката која по своја волја отишла со мажот.

Оценувајќи дека немало „ни насилство, ни присила, ни закана, ни изненадување“, обвинителството одлучи обвинетиот (кој патем е татко на две деца) кривично да го гони врз основа на законот за забрана за однос со дете, дефинирајќи го обвинението како „сексуален напад врз малолетник на возраст до 15 години“.

Меѓутоа, судската постапка е на пат одново да се врати на почеток, бидејќи родителите на девојчето ќе бараат мажот да биде тужен за силување. Разликата е како семантичка, така и во казната – за силување е предвидена затворска казна од 20 години, а за полов однос без присила максималната казна е 5 години.

Минатата есен имаше уште две слични афери. Ослободен беше 30-годишен маж обвинет за силување на 11-годишно девојче, а на 18 месеци затвор беше осуден професор кој бил во врска со своја 14-годишна ученичка.

Владата тогаш одлучи да воведе минимална возраст за впуштање во доброволен сексуален чин, која според претседателот Емануел Макрон треба да изнесува 15 години. Нацрт законот против сексистичко и сексуално насилство, во чиј склоп ќе биде одредена таа граница, се очекува во март.

- Реклама -