Во најстариот ресторан во Мадрид фурната гори 293 години без прекин

Great Big Story во посета на Хавиер Санчез Алварез – горд заменик менаџер на ресторанот Sobrino de Botin – најстариот во Мадрид, а наводно и најстариот ресторан во светот.

Отворен е во 1725 година, и колку што е ресторан, толку е и историски музеј. Особено винарската визба, која постои од 1590-та година.

Сепак, круната на ресторанот е неговата фурна, која гори цели 293 години, без да биде изгасена, барем според менаџерот. Го одржуваат огнот и преку ноќ за да биде спремна уште рано утрото.

Друга гордост им се рецептите (веганите можеби не треба да продолжат да читаат):

„Другите ресторани служат софистицирани јадења, сé е претерано дизајнирано, со цртежи. Ние не. Ние ќе ти послужиме печено прасе цицалче со добри компири и добра шпанска шунка. Така да, ставете си ја салфетката во скутот, нурнете во чинијата и бидете среќни и уживајте“, вели Хавиер.

Да, овие денес се истите рецепти по кои готвел и далечниот прапрадедо на сопствениците уште кога ресторанот првпат бил отворен. Тој им ги пренел на готвачите, а оттогаш се пренесуваат од генерација на генерација.

„Замислете што би се случило кога би го затвориле ресторанот. Сите тие рецепти би исчезнале. За мене тоа претставува вистинска трагедија“, вели Хавиер.

Па ете, ако сте во Мадрид и не ви се јаде некоја чкртаница од скап сос, знаете кај да му ја седнете на прасе.

Ќе најдете по нешто и на Business Insider (oд таму ни се дел од сликите), вклучително и менито. Печено прасе цицалче и печено младо јагне (специјалитетите) ќе ве чинат 24.60 евра од порција (бар тоа биле цените во 2015-та).

- Реклама -