Орката што кај и да е ќе прозбори како човек (видео)

Китовите се познати по своите високоразвиени комуникациски вештини (шо е супер ствар да си ја пишеш во CV ако си кит), не само меѓу секоја единка, туку и меѓу целите јата. Еден нов експеримент, меѓутоа, покажува дека китот убиец (aka. „орка“) може да го имитира и човечкиот говор. Претходно се сметаше дека тоа го можат само некои птици, примати, фоки, слонови и делфини.

Научниците тврдат дека ја снимиле орката Вики како со својата тренерка ги повторува зборовите „здраво“ и „догледање“ (на англиски секако), брои до три, па дури и го изговара името на инструкторката – „Ејми“.

14 години старата орка живее во морскиот парк „Маринленд“ во францускиот град Антиб, и е првата на светот кај која научниците забележуваат имитација на човечки говор. Подвигот е уште поголем кога ќе се земе во предвид дека китовите поради своето еволуциско прилагодување во комуникацијата под вода имаат сосема различни развиени вокални можности од луѓето.

Вокалната имитација обично е одлика на човечкиот говор, која заедно со другите когнитивни способности била клучна за развојот на човечката култура, вели Хосе Абрамсон од универзитетот Комплутенсе во Мадрид.

Во дивината (т.е. океаните) орките живеат во јата. Секое јато има свој „дијалект“, а тоа подразбира и повици што се целосно уникатни за тоа конкретно јато. За некои од таканаречените „кликови“ дури се смета дека претставуваат и имиња на конкретните единки во јатото.

Експериментот, од своја страна, е прилично еднсотавен. За секој добро имитиран звук, Вики добива риба и галење по глава за награда. Научниците вклучени во истражувањето заклучуваат дека ова е можеби само дел од вокалните способности на Вики, кои можеби се многу поголеми, или можат да се развијат до многу повисок степен.

Во меѓувреме, ние со нетрпение ќе го чекаме првото интервју со Вики… Се зезаме, се разбира, ама нели би било кул?

 

- Реклама -