Зошто некои облакодери во Хонгконг имаат дупка на средината?

Доволно е малку да имате читнато за Хонгконг за да знаете дека просторот во овој град е вистински луксуз.

Огромната пренаселеност е гаранција дека ќе ве пречека гужва на улиците, на тротоарите, во продавниците, ама и во лифтовите. Облакодерите во Хонгконг се доста збиени, а најголемиот дел од популацијата живее во страшно мали станови.

Во една таква ситуација, кога погледот ќе ви застане на бројните облакодери со голема дупка во средината, веднаш сфаќате дека тоа е сериозно арчење простор.

Тогаш, зошто Хонгконг – еден од најгусто населените градови во светот, воопшто би го правел тоа?

Според Business Insider, одговорот е фенг шуи – кинески систем на позиционирање на згради и објекти така што да се во согласност со спиритуалните сили.

Конкретниве дупки во зградите се наречени „змејски порти“, кои според системот фенг шуи им овозможуваат на змејовите од планините да долетаат до реките (feng shui буквално се преведува како „ветер-вода“). Во Кина се верува дека змејовите носат среќа, а секое блокирање на енергетскиот проток би можело да донесе до еден куп негативни последици.

Колку и да ви звучи како шега, работава е сериозна. Да го земеме случајот со зградата на Кинеската банка – таа е изградена без „змејска порта“. Ќе најдете барем неколку компании што се лоцирани или биле лоцирани во нејзина близина, кои токму тоа го посочуваат како причина за својот банкрот.

Ако тоа не е доволно да ве убеди за важноста на фенг шуи за кинеските корпорации, би требало да ве убедат парите што ги трошат за да бидат во согласност со спиритуалните сили. Имено, при изградба на своите канцелариски простори, многу од кинеските компании и корпорации издвојуваат солидни суми пари за консултација со фенг шуи експерти.

- Реклама -