Мајката што ѝ наплаќа кирија на својата 5-годишна ќерка

Брук Еванс добро знае што значи целиот концепт на „сметки“. Таа редовно си плаќа кирија, струја, и останати редовни трошоци. А да, и има 5 години.

Брук живее со својата мајка Есенс. Таа секоја недела ѝ дава по 7 долари, од кои Брук плаќа по 1 долар за кирија, струја, вода, храна, и ТВ претплата/интернет (значи вкупно 5 долари). Тие 2 долара што ѝ остануваат може да ги потроши на што сака.

Очигледно, се работи за несекојдневен родителски воспитен метод. На Фејсбук, како по обичај, луѓето си мрчат. Едните сметаат дека тоа е супер идеја и дека Брук ќе порасне во одговорна личност. Другите сметаат дека на децата сепак треба да им се допушти да бидат деца и да не се „трошат“ на грижи за возрасни.

Есенс (мајката), се разбира, е од првите. Таа сака нејзината ќерка уште од мали нозе да научи како функционираат нештата во светот, и уверена е дека Брук еден ден ќе ѝ биде благодарна.

… Што е многу веројатно. Петте долари кои секоја недела ѝ ги „наплаќа“ на ќерката, Есенс ги уплаќа на сметка на малата Брук. Право да ги користи парите Брук ќе добие кога ќе стане полнолетна.

Знаевме дека ќе ве мрзи, па пресметавме ние: 13 години (до полнолетство) x 52 недели x 5 долари = 3.380 долари, плус парите собрани досега, плус 2 долара бакшиш секоја недела додека наполни 18 години. Воопшто не е лошо.

- Реклама -