Неколку митови околу совршениот луксузен живот во Дубаи

Кружат многу митови и стереотипи околу луксузот и животот во Дубаи, а не сме невини ни ние – ненамерно знаеме да долееме масло на сликата која и не ја отсликува целата реалност – град на шеици милионери, купишта злато и дијаманти, скапи јахти, тигри и леопарди наместо домашни мачки, бунари со нафта во секој двор и стотици хареми во радиус од еден километар. Тоа што лесно човек може да се занесе во фантазирањето околу Дубаи е само уште еден доказ за фасцинантноста на бисерот на ОАЕ. Сепак, сега сме овде да ја ѕирнеме и таа другата, пореалната страна.

МИТ: Дубаи е светски „главен град“ на милионерите

Има околу 5.000 милионери (гледано преку американски долари) во светот, а само околу 20 (20, не 20 илјади) од нив живеат во Дубаи. Во реалноста, главна престолнина на милионерите во светот е Пекинг, а на второто место е Њујорк.

МИТ: Нема сиромаштија во Дубаи

Ако во предвид ги земеме и мигрантите, дефинитивно има многу сиромашни во Дубаи. Просечната плата на работник е 200 до 350 долари; за споредба, најевтиниот пакет за мобилни услуги чини околу 30 долари. Животот е скап во Дубаи, а многумина живеат во мали домови заедно со други луѓе – во просек по 5 луѓе по соба.

МИТ: Во Дубаи нема алкохол

 

 

 

Алкохолот е дозволен за туристи и немуслиманите. За да го купите, меѓутоа, ви треба специјална картичка или туристичка виза. Во алкохол можете да уживате речиси во секој хотел (освен неколку во кои не служат), во сите ноќни клубови и барови. Обично локациите за ноќен живот се во склоп на хотелите, а во Дубаи такви ги има над 500.

 

МИТ: Дубаи е чист/еколошки град

Со константниот пораст на населението, вечното градење, недостатокот од водни ресурси, промените во природниот пејзаж причинети од архитектурата, отсуството на унифициран канализациски систем, како и со огромниот број на автомобили, Дубаи одамна не може да биде наречен еколошки град.

МИТ: Во Дубаи е вечно лето, па времето секогаш е убаво

Да, ако ви се живее во сауна. Во пролет и лето, температурите достигнуваат 48°С, во пакет со висока влажност и вечно сонце. Небото, сепак, често е сиво, во добар дел поради големата количина на песок и прав во воздухот. Пустинска клима е, заборавивте?

МИТ: Полицијата во Дубаи вози само луксузни и скапи автомобили

Сто пати се зборувало за Ламборџини и Бентли-јата кои ќе ги начекате меѓу полициските автомобили низ улиците на градот. Сепак, ќе видите и скромни полициски BMW-a, Audi-ја, па и Tojota-и. Поради големиот број на спортски автомобили меѓу локалните жители, полицијата законски мора да има неколку супер-брзи и супер-спортски автомобили.

МИТ: Дубаи е хај-тек град, сé е автоматизирано

 

Да, технологијата ја има насекаде: има клима на автобуските станици и банкоматите, има роботи полицајци, метро на аеродромот. Сепак, во многу делови на градот фали систем за дренажа, па мали врнежи од дожд можат да го парализираат целиот град. Канализација исто така нема секаде.

МИТ: Чити и лавови се домашни миленици

Чувањето на диви егзотични животни е во спротивност на законот во Дубаи. Ако се прошеташ со чита или лавица во Дубаи, можеш да добиеш затвор на 6 месеци или да бидеш казнет со сума од 2.700 до 138.000 долари. Најголемиот дел од локалните жители чуваат мачки, а не се баш љубители на кучиња.

МИТ: Дубаи се состои од облакодери

Во реалноста, Дубаи е град на контрасти. Од една страната имате 163-катници и повеќекатни вили и станови, а од друга еднокатни куќи. Градот се шири кон височините, но локалните преферираат да живеат во куќи и вили каде нема или има малку соседи.

МИТ: Иако има многу доселеници, најголем дел од населението е составено од Арапи

Грешка. Околу 25% од населението во Дубаи се… Индијци. „Домородците“ сочинуваат само 9% од вкупното градско население. Зад Индијците се мигрантите од Пакистан и Бангладеш. Овие обично работат во градежништвото и фабриките. 91% од населението на Дубаи доаѓа од други земји.

МИТ: Богатството на Дубаи се должи на нафтата

 

Долго пред производството на нафта, луѓето од Дубаи нуркаа по бисери и го развиваа тој бизнис. Бисерниот накит од Персискиот залив отсекогаш бил многу високо ценет и баран. Во секој културен центар и музеј во ОАЕ станува јасно дека бисерот има посебно место во локалната историја.

- Реклама -