Семејството што живееше без да знае дека има Втора светска војна

Сибирската тајга е едно од најизолираните места во светот. Воедно е и еден од најтешките терени за патување, а и речиси невозможно е за луѓето да живеат таму. Долгите зими и суровиот студ ја обесхрабруваат секоја намера за населување, а тоа ја прави руската тајга најголемата ненаселена дивина на Земјата.

Со површина од околу 13.2 милиони квадратни километри, сибирската тајга покрива околу 10% од планетата и е дом исклучиво на диви животни. Од мечки и лициси преку ден, до волци кои ловат во текот на ноќта, таму нема да ви фалат предатори. Заедно со безмилосниот студ (со просечни температури солидно под нулата) и кратките лета, тоа не е место кое срдечно ќе ве пречека.

Баш таму, во 1978 година, руските геолози во Сибир налетале на семејство од 5 членови кое живеело таму во изолација во период од повеќе од 40 години. Се работело за семејството Ликов (Lykov) – семејство од посветени верници (поконкретно Old Believers) кои се повлекле длабоко во тајгата за да живеат како аскети во Сајанските планини. Таму се доселиле во 1936 година, уште пред да почне Втората светска војна.

Ги нашле на околу 240 километри од најблиската населена локација, на место кое никогаш порано не било истражено. Пред 1936-та семејството живеело во населен дел на Русија, но откако советска патрола го убила братот на Карп Ликов, тој го собрал остатокот од семејството и заминале во тајгата. Оттогаш никој ги немал видено (сé до пристигнувањето на геолозите).

Повеќе од 4 децении, Карп Ликов заедно со неговата сопруга и децата, живееле во дрвена колиба на само неколку километри од границата со Монголија. Според Smithsonian, кога прв пат семејството се доселило во тајгата, биле четворица: Карп, неговата сопруга Акулина, синот Савин и ќерката Наталија. Во дивината се родиле уште две деца: Дмитриј во 1940-та и Агафија во 1943 година.

Старата понесена семејна Библија и молитвите биле доволни децата да научат да читаат и пишуваат, но вистинскиот предизвик било преживувањето.

Исхраната главно им се состоела од сибирски бобинки и растенија кои тие самите ги одгледувале. Дополнително, научиле и да ловат без огнено оружје или лак и стрела; но очигледно не било доволно, бидејќи често страдале од прегладнетост. Во доцните 1950-ти Акулина починала токму од прегладнетост, оставајќи ги Карп и децата да продолжат со борбата за живот во сибирската дивина.

Карп и ќерка му Агафија.

Кога геолозите ги нашле во 1978-та, биле воодушевени од фактот што семејството некако преживеало живеејќи во средновековни услови. Иако Карп пријателски ги дочекал истражувачите, на почетокот одбивале сé што тие им нуделе, освен едно нешто – сол. 40 години Карп немал пробано сол, и едноставно не можел да ја одбие понудата.

Така отсечени, семејството Ликови живеело комплетно несвесно дека почнала и завршила Втора светска војна, а уште помалку дека луѓето слетале на Месечината. Кога геолозите најпосле ја стекнале нивната доверба и им ги покажале „чудата“ на модерниот свет и живот, Карп најмногу бил воодушевен од транспаретната целофанска фолија, пишува репортерот Василиј Песков. „Боже, што сé нема да измислат – стакло е, ама се гужва!“, извикал Карп.

Во есента 1981 година, три од четирите деца починале во период од неколку денови, две од откажување на бубрезите, а третото од пневмонија. Геолозите се обиделе да ги убедат Карп и ќерка му Агафија да се преселат кај нивни роднини во најблиското село (на 240 километри оддалеченост, како што рековме), но тие упорно одбивале. Карп починал во февруари 1988 година, а неговата ќерка останала да живее сама во планините на сибирската тајга.

 

- Реклама -