27-годишно момче доби ново срце, Филипче сподели историска фотографија: Тимот доктори ѝ се поклонува на починатата 20-годишна девојка

„Во 3 часот и 33 минути утринава, кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија“, соопшти утрово министерот за здравство Венко Филипче.

Во текот на вчерашниот ден, тој информираше дека, за жал, во сообраќајна несреќа починала млада 20-годишна девојка, откако ѝ била констатирана мозочна смрт и неможност да биде спасена. Како што најави Филипче, нејзиното семејство се согласило да ги донира органите, а се бараше подобен реципиент. 27-годишното момче веќе подолго време чекало донор.

„Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше! Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги!“, напиша Филипче.

Предмалку тој сподели уште една, како што ја нарече „историска“ фотографија.

„Историска фотографија, докторите ѝ се поклонуваат на младата девојка чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи. ❤️ Нејзиниот млад живот трагично згасна, но нејзиното срце спаси друг млад живот. Нема зборови со кои може да се искаже благодарноста кон семејството. Нема зборови со кои може да се опише алтруизмот и големината на чинот на органодарителство. Во моменти на длабока тага да се донесе одлука за донирање на органите на блиските е дефиниција за хуманост“, порача министерот.

Според медиумите, во градите на 27-годишното момче ќе чука срцето на Верица од Берово.

Лани, пак, во мај, беше извршена првата трансплантација на срце во државата. Донор беше починатата 43-годишната Емилија Динева, чие семејство му подари нов живот на 53-годишниот Иван Огненовски.

- Реклама -