Зошто многу од аеродромите имаат теписони?

Ако често патувате и главите по аеродроми, неминовно е да почнете да размислувате за некои сосема обични нешта околу вас, чисто заради занимација.

На пример, зошто на повеќето аеродроми има теписон? Нели е полесно и побрзо за патниците да тркалаат куфер по некаква помазна подлога? Зарем било каков друг под не би бил полесен за чистење, ако ништо друго?

Излегува дека покрај очигледните причини (да не се создава врева од куферите, да не ги оштетувате куферите) теписоните, сепак, се и уште еден од многуте начини на кои аеродромските „власти“ можат да влијаат на вашето расположение, и со тоа и вашето однесување.

Ова едноставно дизајнерско решение, имено, помага патниците да се чувствуваат помирни, особено пред полетување, бидејќи подлогата обезбедува „меко, пријатно чувство налик на она што го имате кога сте дома“.

Во оваа мисија теписоните не се сами. Според Fast Company, имаат помош и од ниските тавани, природното осветлување и удобните места за седење. Сето ова промовира релаксација кај патниците кои веројатно е да се под стрес.

Аеродромите имаат и друга корист од мирните патници. Имено, истражувањата покажуваат дека патниците кои се задоволни и спокојни имаат тенденција да трошат по 7% повеќе пари во продавниците и рестораните во и околу аеродромот, а и до 10% повеќе во фри-шоповите.

Многу аеродроми бараат и други начини за релаксација на патниците пред летот, а тоа го постигнуваат со спа центри, соби за јога, па дури и кучиња кои можете да ги галите – за терапија.

Следново ќе звучи контрадикторно, ама ете; за да ве натераат повеќе да потрошите, аеродромите исто така вработуваат и помалку работници. Да, помалку. Според студија на NCR, 40% од испитаниците претпочитаат да избегнуваат интеракција со други луѓе при шопинг. Во превод, поверојатно е на аеродром да видите продавница без персонал, отколку продавница полна со персонал.

- Реклама -