Можат ли градските дрва да нé спасат од аерозагадување?

Еве, да замислиме дека не ги испосековме дрвата. Уште подобро, да замислиме дека имаме многу повеќе дрва од што сме имале било кога. Ќе го решеше ли тоа проблемот?

Градските дрва, за кои популарното мислење е дека ги острануваат полутантите и го подобруваат урбаниот живот, пред сé здравјето, можеби и не се така од помош околу загадувањето како што ги мислиме, тврди една британска здравствена организација.

„Листовите и гранките го забавуваат и попречуваат струењето на воздухот, предизвикувајќи таложење на загадувачите. Тие исто така служат и како впивачи на честички и хемикалии кои можат да имаат директни или индиректни ефекти врз квалитетот на воздухот. Квалитетот на воздухот под дрвата во близина на улиците со возила, може да биде уште полош“, велат од National Institute for Health and Care Excellence (NICE) во прилог заедно со советите упатени до британската влада со цел да помогнат во намалување на загадувањето на воздухот.

Е па, да досечеме?

Во случај да чита некој надлежен, НЕ!, од NICE не препорачуваат да ги досечеме и тие преостанати дрва за полесно да проветриме, туку инсистираат градските планери, локалните власти и надлежните за развој да го земат во предвид негативниот ефект што дрвата можат да го имаат врз квалитетот на воздухот кога објектите (вклучувајќи ги и нив) се погрешно поставени.

„Не е секогаш точно дека дрвата го намалуваат аерозагадувањето. Нивниот ефект зависи од низа фактори, како видот на дрвото, густината на крошната, времето од годината, насоката на ветерот и сл.“, објаснуваат од NICE.

Во извештајот од 60 страни што NICE го поднесе до британската влада лани ова време, се спомнуваат и непредвидените последици од други невнимателно планирани објекти, како лежечките полицајци на улиците и звучните бариери покрај автопатите (во форма на бетонски ѕидчиња или пластични/метални паравани) – кои исто така можат да го зголемат загадувањето.

Со еден збор, од NICE бараат аерозагадувањето да се зема во предвид во секоја можна етапа од планирањето на градовите. Тоа вклучува и изградба на нови куќи (препорачуваат дневната да гледа спротивно од патот), потоа школите и здравствените домови да бидат поставени подалеку од главните улици и патишта, а да се избегнуваат и било какви структури што можат да го заробат загадувањето.

Едукација на возачите и кастрење на возилата

Но исто така инсистираат дека треба да се едуцираат и возачите, особено тие што работат во јавниот превоз, околу тоа како да ги намалат емисиите при возењето.

Се разбира, една од главните препораки на NICE се однесува и на автомобилите. Препорачуваат воведување на зелени зони во сите критични и потенцијално критични градови. Пристап до центрите на градовите треба особено да им биде забранет на возилата што се тешки загадувачи, а за таксистите и другите јавни возила да бидат поставени посебни анти-загадувачки стандарди.

„Мора да се преземе акција за да се осигураме дека возилата на патиштата се чисти, и дека ги има што помалку. Дизел возилата, кои најмногу загадуваат, мора да бидат протерани од градовите, а на полисите за планирање им е потребно радикално ретуширање“.

„Можеме да преземеме моментално чекори за да ги охрабриме луѓето да пешачат или да возат точак, наместо да возат, но таквите напори ќе бидат залудни ако немаме долгорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот“, рече тогаш Марк Бејкер, директор на центарот за клиничка пракса при NICE.

„Ова не е време да си играме околу периферијата на проблемот – за да се справиме со општата здравствена криза потребно е да ги планираме нашите градови и гратчиња на начини кои во пракса го намалуваат сообраќајот и им овозможуваат на луѓето вистински алтернативи за возењето“, истакна тогаш Бејкер.

- Реклама -