Научниците: Џиновскиот објект што прелета крај Земјата може да е вонземски вселенски брод

СПОДЕЛЕТЕ

На толку изгледани сци-фи филмови со посети од вонземјани, човек би помислил дека веќе сме добро подготвени за денот кога ќе слетаат на нашево мало парче вселенски камен за да нé поздрават. Ама не. Доказ се и самите научници, кои во моментов се супервозбудени и од самата можност дека покрај нас прелета нешто туѓо.

Имено, меѓу нив сé повеќе се шпекулира дека масивниот објект што лета во близина на Земјата веќе речиси два месеца може да е вонземски брод. Прв пат беше забележан во октомври, кога храбро влезе во нашиот соларен систем од друга галаксија, летајќи со најмалку 300.000 км/ч.

Објектот беше именуван Oumuamua, а изгледа како да е стотици метри долг, а само една десетина од тоа широк. Тоа е и првиот „странски“ објект што доаѓа од друга галаксија во нашиот сончев систем. Научниците сметаа, поради неговата издолжена форма – како цигара, дека просто се работи за само многу чуден астероид. Но ете, сега шпекулираат дека можеби се работи за вселенски брод на некоја далечна вонземска цивилизација.

Уникатната форма на Oumuamua се разликува од формата на сите други астероиди што сме ги виделе, а некои научници велат дека таква издолжена форма би бил одличен дизајн за меѓуѕвездени патувања, бидејќи го минимизира триењето и има подобри шанси за навигирање меѓу меѓуѕвездените гасови и прав.

Ваквата форма на цигара досега не е забележана во вселената, а и не изгледа како некој вид на природна формација од нашиот соларен систем. Токму тоа го привлече вниманието на проектот The Breaktrough Listen – организација која трага по знаци од вонземски живот (основана од Royal Society во Лондон).

Ејви Леб – советник на проектот и професор по астрономија на Харвард, за Independent вели дека е нетрпелив да проверат дали објектот има некаков вид на комуникативна способност.

„Веројатно е од природно потекло, но бидејќи е толку чуден ние би сакале да провериме дали има некаков знак на вештачко потекло. Таков знак би биле радио емисии, на пример“, вели Леб. „Ако детектираме сигнал што делува како од вештачко потекло, веднаш ќе знаеме“.

Зборувајќи за формата на објектот, Леб вели дека е особено чудно што баш првиот објект што го гледаме, а дојден од надвор од сончевиот систем, изгледа баш така.

„Би било паметно барем да провериме и побараме сигнал“, продолжува Леб. „Дури и ако најдеме артефакт што е напуштен и на него нема знаци на живот (празен вселенски брод, на пример), тоаа ќе биде најголемото возбудување што можам да го замислам да ми се случи во животот“.

Па така сега, истражувачите од SETI (Search for Extra-Terrestrial Intelligence), кои воедно и го финансираат проектот Breakthrough Listen, ќе го насочат нивниот мегамоќен телескоп во Грин Бенк, Западна Вирџинија, за подобро да погледнат кон Oumuamua. Ќе го следат објектот додека уште е „во близина“, а конкретно ќе трагаат по вештачки трансмитери. На моменталната дистанца, на сателитот во Грин Бенк ќе му треба помалку од минута за да детектира евентуален активност на повеќенасочен трансмитер, макар и тој трансмитер да е со јачина на обичен мобилен телефон. Возбудливо, нели?

 

- Реклама -