Индиски возач доби награда за нешто за што ниеден друг возач нема да добие

Ќе звучи како чудна награда, ама па и не е. Индиецот Дипак Дас од Калкута е награден затоа што во претходните 18 години од својот возачки живот ниту еднаш ја нема употребено свирката на автомобилот.

Доволно е еднаш да сте се нашле во сообраќајниот метеж за да сфатите колку е тоа тешко за постигнување. Во Индија е бетер – нивните патишта се познати по сообраќајниот хаос и константното користење на свирката. Дипак Дас, од друга страна, сака мирни и тивки патишта, и верува дека моменталната ситуација може да се промени.

Во Индија свирката се користи небаре како замена за ретровизорите. Некои коли не ни имаат странични ретровизори, а и тие што имаат обично ги имаат склопени, бидејќи сообраќајот е толку густ што ако се отворени се зголемуваат шансите за судар. Наместо тоа, индиските возачи свират; свират кога индицираат дека некого ќе претекнат, свират и секогаш кога некој друг возач е премногу блиску до нив.

Сето тоа создава неподнослива бучава (ака. звучно загадување) која и научно е докажано дека има негативни последици по општото здравје на луѓето кои ја трпат.

Токму тоа е лекцијата што и ние овде треба да ја научиме од Дипак. „Луѓето го потценуваат звучното загадување. Мора да се едуцираат околу тоа колку е штетна оваа бучава, особено за срцето“, вели еден друг индиски возач за Forbes. „И се поради нетрпеливоста на возачите“.

Дипак не е еден од тие нетрпеливите. Напротив, тој е активен поддржувач на идејата да не се користи свирката (освен кога мора). Како што рековме, нема свирнато 18 години, и се надева дека со тоа ќе постави пример што другите ќе го следат.

„Сметам дека кога еден возач ја следи полисата на ‘без свирка’, тој е многу повнимателен додека вози. Ако возачот има соодветно чувство за простор, брзина и тајминг, не му треба свирка“, вели Дипак за Хиндустан Тајмс. Кога некој сопатник ќе побара да свирне, вели Дипак, тој љубезно одбива и почнува да објаснува дека свирката не е решение. Згора на тоа, во колата има закачено парола: „Свирката е само концепт. Јас се грижам за твоето срце“.

Наградата му е врачена во рамките на Manush Mela – или во превод „Саем на хуманост“. Наградата се доделува на граѓани кои прават нешто уникатно и вредно и корисно за општеството.

Во меѓувреме, Дипак се надева дека еден ден Калкута ќе стане град без свирки. Ние си се надеваме дека ќе го претркаме.

- Реклама -