Топло ладно – лава колач

Еден од најуспешните десерти на сите времиња. Се работи за Лава колачот кој што е рецепт стар околу триесет и кусур години (барем толку време е популарен, а кога точно е измислен не знам дали некој со сигурност знае да каже). Не се знае точно кој и кога го смислил, али се прочул во Њу Јорк во 87-ма година! Во Франција постои многу пред тоа и претставува традиционален десерт, исто како и Еклерот.

Кај колачите со чоколадна лава најмногу ќе ве изненади тоа што се толку лесни и едноставни за приготвување. За половина час пред вас ќе имате чоколадни колачи со кремаста течна внатрешност, која ќе ви достави неверојатно задоволство.

Овој рецепт е многу лесен и може да го направи секој по дома. А за тоа ќе ви бидат потребни следниве состојки:

Брашно 6 лажици
Путер 125гр
Темно чоколадо 100гр
40гр Млечно чоколадо
2 жолчки
2 цели јајца
100гр шеќер во прав

Чоколадото и путерот ги ставате да се растопат на пареа

Откако ќе се растопи чоколадото го тргате од рингла и го додавате шеќерот (на три пати), во меѓувреме мешате со жица за подобро да се спои.

Откако ќе се подолади ги додавате и јајцата едно по едно мешајќи со жица.

Потоа го додавате и брашното (малку по малку) и мешате, ќе пазите да не се формираат грутчиња.

Откако ќе ги завршите сите салтанати, ќе наполните во калапи за топло ладно, какво имате – такви и ќе го оставите да се олади комплетно. Добро е со овој рецепт што можете во калапи да го чувате неколку дена, а можете и да го смрзнете. Внимавајте кога ќе ги полните калапите да не бидат полни скроз до горе, туку ќе оставите 5 милиметри простор за да може да порасне.

Додека се лади рерната ќе ја упалите да се загрева на 220 степени. Печете во загреана рерна од 8-11 минути (зависи како ви пече рерната). После 8-мата минута ќе го пазите внимателно – ќе се формира круг на врвот на колачето што ќе личи на непечено, откако ќе се затврои тој прстен и ќе формира тенка кора, веднаш ги вадите калапите, не ги оставајте да стојат во рерна зошто ќе ви се стврдне колачот. Сервирајте го веднаш за да добиете течна внатрешност што ќе се растече. Најдобро е да го сервирате со топка сладолед од ванила.

- Реклама -