Човекот што потајно се моли за нуклеарна војна

Во тивкото канадско село Horning’s Mills, на едно 100 километри северно од Торонто, се наоѓа имот од 12.5 акри (5 хектари) на кој живеат Брус и Џин Бич (Beach). На прв поглед, сето тоа изгледа како обичен рурален пејзаж, но закопан под тие полиња ќе го најдете најголемиот приватен нуклеарен бункер во Северна Америка – (Ноевата) „Арка 2“.

Бункерот е со огромна површина од околу 930 метри квадратни, а е направен од 42 стари школски автобуси покриени со бетонски ѕидови и закопани на 4 метри под површината на земјата.

Арка 2 собира околу 500 луѓе, а е дизајниран за да преживеат барем неколку месеци. Опремен е со сé што е потребно: огромни залихи од храна, приватен бунар, комплетен водовод, генератори што работат на гориво, па дури и забарски стол и детска градинка.

Брус Бич денес има 83 години. Проектот го почнал во 1980-та година, во пикот (според него) на Студената војна. Бункерот е завршен во 1982-та. Претходно, во 1960-тите, Бич живеел во Чикаго и работел како електричен инженер. Но тогаш Студената војна почнала да ескалира, а стравот од нуклеарни оружја достигнал степен на параноја и паника. Така Бич, во 1970-та, решава да се пресели во рурална Канада, во Хорнинг Хилс, каде што ќе ја сретне и својата идна сопруга – денес 90-годишната Џин. Заедно со Џин ја ќарил и парцелата на која денес е изграден бункерот. Му била дадена од нејзиното семејство.

Арно ама, иако Бичови веќе 30 години се подготвени за нуклеарна војна, за жал, нуклеарна војна се нема случено. Како резултат, технологијата во меѓувреме напредуваше светлосни години далеку од времето кога Брус го комплетирал бункерот. Така на пример, безбедносните монитори во Арка 2 се поврзани со Commodore 64 компјутери, а телефоните се од оние на вртење, и прикачени на постоечката фиксна телефонска мрежа (читај: телефонски бандери што се над површината и подложни на уништување во случај на нуклеарна војна). А за тоните залихи од храна што Брус морал да ги фрли низ годиниве, подобро е воопшто и да не зборуваме.

Но Брус не губи надеж. „Секогаш велев дека крајот на светот ќе се случи две години од сега. Но сега велам дека ќе се случи две недели од сега, и ако не сум во право, само ја поместувам датата. Луѓето мислат: каков лудак; јас го знам тоа, но не ми пречи. Разбирам дека светот така ме гледа“.

Ако веруваме на напишаното на неговиот сајт, од почетокот на изградбата на бункерот, владата го има изнесено на суд преку 30 пати. Проектот го терал без дозвола, која не ја добил, тврди, затоа што во тоа време „постоел негативен психолошки однос кон нуклеарните засолништа“. Се работело за живот или смрт, вели Брус, па нормално дека немало да дозволи една дозвола да го спречи.

Локалните противпожарни служби исто така сакаат да го размонтираат местото, бидејќи сметаат дека ризикот од потенцијална хаварија е голем. Но дури и кога ќе му стават катанци, Брус ги обива и си става свои. И не е сам. Има поддршка и од куп други „препери“ (од prepare – „подготвува“; луѓе што копаат бункери и собираат залихи бидејќи се спремаат за апокалипса) и преживувачи (survivalists), кои помагаат околу Арката за кога ќе дојде Денот да си имаат гарантирано место.

Во 2015-та, на имотот на Брус се одржа дури и Канадскиот саем на преживување (Canadian Survival & Meeting expo). Еден од главните настани беше тура низ бункерот.

„Кога ќе влезете внатре за прв пат, тоа е како на друга планета, како да сте на Марс“, изјави тогаш организаторот на настанот. „Кога ќе слушнете за овој концепт од 42 школски автобуси закопани под земја, тоа што го замислувате не е ни блиску до тоа да го видите и доживеете. Лудо е таму внатре“.

Во меѓувреме, Брус Бич најверојатно се моли конечно да избие таа проклета нуклеарна војна. Тој лично го нема тоа признаено, ама па што му се опциите – да прифати дека половина живот живее во лага?

 

- Реклама -