Остров со 45 жители, жена со 9 работни места

Ако го посетите шкотскиот остров North Ronaldsay, нема да помине многу време пред да ги запознаете сите негови жители. Тој е најсеверниот и најоддалечениот остров од архипелагот Оркнис (Orkneys), и на него живеат само 45 жители. Прочуен е по чување овци, кои таму често ги хранат со алги.

Местово ѝ се видело привлечно на една млада жена од Единбург, па пред три години решава да се пресели таму. Веднаш по доселувањето, на 26-годишната Сара Мур, следејќи го примерот со другите жители, ѝ се доделени дури 9 работни места.

Ако сте со намера да слетате на локалниот аеродром, Мур веројатно ќе ви биде контролор на летови.

Кога ќе слетате, ќе ви ги истовари куферите – тоа ѝ е уште една од задачите како персонал на аеродромот.

Откако ќе се сместите, Мур ќе ви ја достави евентуалната пошта.

Ако сакате туристичка тура за да го посетите единствениот светилник на островот, Мур ќе ви биде водичот. Во меѓувреме ќе ви ги средува и документите – бидејќи воедно е и административец.

Не е работно место, ама Сара е и најмладиот жител на островот. Просечната старост на 45-те жители е 65 години, па Мур практично ги добива сите работни позиции кои постарите жители веќе не можат да ги работат.

Вклучително, Сара е и пожарникар, овчар, багерист и негователка на постари лица.

Но чекајте, ова е веројатно само почеток во нејзината островска кариера. Таа не е најангажираниот жител на островот. Таа титула ја носи 68-годишниот Били Мајер, со 20 (дваесет) работни места. Меѓу другото, Мајер е и овчар, електричар, ѓубреџија и градежник. Минатата година е прогласен за „најтрудољубивиот човек во Велика Британија“.

- Реклама -