Научниците открија од каде доаѓа морничавото „свиркање“ во вселената

Преку комбинирана анализа на податоци од два различни сателита, астрономите конечно го потврдија тоа во што веќе некое време се сомневаат – дека мистериозниот и морничав звучен феномен наречен „whistler mode chorus“ доаѓа од ненадејни ерупции, т.е. изливи на електрони во магнетосферата.

Одвреме навреме, лесниот дожд од наелектризирани честици што „врне“ преку заштитната магнетна школка на Земјата се претвора во ненадеен порој, наречен microburst. Научниците насетуваа што го предизвикува, но сега сметаат дека конечно го докажаа тоа. Комбинираните податоци од двата сателита (едниот на 500 километри, а другиот на 21.000 километри од Земјината површина) кои следеле како електроните удираат во јоносферата, покажуваат дека тајмингот на овие урагани од наелектризирани честици се совпаѓа речиси совршено со редовните плазма бранови што ја опкружуваат нашата планета.

Не е којзнае колку големо откритие, но може да има големи импликации. Поројните дождови од наелектризирани честици во нашата атмосфера не само што создаваат прекрасни поларни аурори, но и ја изложуваат деликатната мрежа од сателити и технологија на површината на сериозен ризик. Предвидувањето и подготовката за таквите неизбежни бури од плазма е со висок приоритет на листата на астрономите.

Патем, брановите од наелектризирани честици (ака. плазма) пулсираат низ Земјиното магнетно поле со различни брзини и фреквенции, кои не само што можат да бидат детектирани, туку и реинтерпретирани во чујни звуци. Плазма брановите можат да создадат разни „песни“, зависно од тоа каде и како се движат. Во продолжение ќе чуете еден од најпознатите „хитови“ – гореспоменатиот „whistler mode chorus“.

- Реклама -