Да си тинејџер во Веркојанск, на -60° Целзиусови

15-годишниот Ајал е последниот од четирите браќа и сестри кој сé уште живее со мајка му во малото село Веркојанск, на истокот на Русија. За неколку месеци планира да зачекори по нвините стапки и да замине да студира во Јакутск, повеќе од 600 километри далеку од дома.

Веркојанск има 3G антена, што значи дека тинејџерите можат да висат на Инстаграм или да го откриваат светот преку интернетот. Сепак, за нив овде е потешко да заминат кон големите градови.

Ајал, додека дојде денот да замине, дел од времето поминува во школо, дел на компјутер, но исто така голем дел и на осамени прошетки низ ледениот пејзаж на селото.

Мајка му е разведена и самата ги има исчувано петте деца.

Ова на подот е едно од омилените јадења на Ајал – локален деликатес познат како „Строганина“. Рибата се сече на тенки парчиња и се замрзнува, а потоа се јаде сирова, зачинета со сол и бибер.

Можеби родното село на Ајал се бори со Ојмјакон за титулата најстудено село во светот, но Веркојанск официјално е Гинисов рекордер во најголема температурна разлика на планетата, од -67.8°C во зима, до 37.3°C во лето.

Веркојанск нема водовод, не таков од кој може да се пие. Низ цевките тече вода со висока температура, за да не замрзнат.

Вода за пиење, пак, се добива од ледени блокови кои се сечат и доставуваат од реката до селаните. Секоја куќа си има залиха од коцки вода наредени во дворот, слично како што се складираат дрва за огрев.

Температурите во Веркојанск се толку ниски што некои секојдневни детали овде имаат сосема друга димензија. На пример, батериите траат само неколку минути. Мастилото во пенкалата замрзнува пред да можеш нешто да напишеш. Опасно е да носиш метални очила (металот се собира и стаклото може да ти пукне). Автомобилите работат нон-стоп, бидејќи ако моторот се изгази, за следното палење може ќе треба да почекаш до пролет.

Ајал носи вода.

Животните овде, главно коњи и кучиња, наесен растат дебел слој од крзно и масти, а зимата ја поминуваат надвор, и покрај смрзнувачките температури.

Јакутскиот коњ е мал и отпорен. Одомашен е и се одгледува главно заради месо. Меѓутоа, има важна и почитувана улога во животот, економијата и духовноста на Сибирците.

Во меѓувреме, Ајал замислено ги шета улиците на селото, некогаш сам, а некогаш со кучето на соседот. Размислува за тоа каков ќе му биде животот кога ќе се пресели во градот. Сака да биде актер, или писател.

Исто така, истражува и напуштени згради, како таа на една поранешна компанија за осигурување. Во Веркојанск има многу празни згради. Денес во селото живеат 1.131 жители, за разлика од пред 15 години, кога имало дупло повеќе.

Во слободното време, Ајал и соседот играат видео игри симнати/купени од неговите браќа во градот. Омилена игра им е „Undertale“. Во неа играчот контролира дете паднато во Подземјето – голем изолиран регион под површината на Земјата.

Браќата, сестрите и некои од роднините го посетуваат Ајал еднаш годишно, за време на летната долгоденица. Авионските билети се особено скапи за овој регион, а едно повратно патување чини стотици фунти.

Од Веркојанск до Јакутск се патува со Антонов AN-24 – авиони од времето на Советската ера. Тешките климатски услови некогаш ја прават навигацијата невозможна, па често се откажуваат летови. Авионската компанија која оперира со авионите имала 6 урнувања и големи инциденти од 2003-та наваму. Се надеваме дека на Ајал тоа нема да му се случи…

Сите фотографии се на Брајс Портолано, кој преку објективот ги документираше деновите на Ајал во исчекување на заминувањето.

Кучето на соседот, другар на Ајал, макар и не изгледа пријателски.
Во некогашната компанија за осигурување.

BBC

- Реклама -