Фотографии од пробите на Хитлер пред огледало

Фотографииве се направени во 1925 година, набрзо откако Хитлер бил ослободен од 9-месечниот престој во затвор, кога и ја издиктирал својата автобиографија „Мајн Кампф“.

Фотографот е Хајнрих Хофман, кого лидерот на нацистичката партија го ангажирал да го фотографира додека ги вежба говорите. Хитлер потоа ги прегледувал снимките додека го преслушувал пробниот говор, и решавал кои гестови, кои пози и кои фацијални изрази ќе ги употреби или ќе ги исфрли од конечниот говор. Сето тоа со цел да изгледа попретставителен и поубедлив пред германската јавност.

Фотографиите јасно ја прикажуваат посветеноста со која се стремел кон перфекција во јавните настапи, а истовременои  самата негова желба да ги има работите под контрола.

Хитлер, патем, никогаш не планирал фотографииве да бидат објавени, а побарал од Хофман да ги уништи негативите – нешто што овој не го направил. Напротив, објавени се во неговиот мемоар насловен „Хитлер ми беше пријател“, издаден во 1955 година.

Хофман пак, кој патем и го запознал Хитлер со Ева Браун, ја преживеал војната, а потоа одлежал 4 години во затвор, поради воено профитерство. Починал во 1957 година, на 72-годишна возраст.

Роџер Мурхаус – историчарот кој го напиша воведот во книгата на фотографот, вели вака:

„Перфектно е логично Хитлер да го прави ова (алудирајќи на фотографирањето на пробите). Денес го гледаме како карикатура, но тој имаше многу харизма и неговите говори правеа луѓето искрено да веруваат дека тој ќе ги поведе кон врвот. Тој беше апсолутно маѓепсувачки јавен говорник, а овие фотографии покажуваат дека тоа било нешто на што многу напорно работел…

… Тој беше шоумен и ги вежбаше неговите гестови за да изнуди конкретна реакција од неговата публика.

… Ќе ги погледнеше фотографиите и ќе речеше ‘Не, ова изгледа глупаво’, или ‘Никогаш повторно нема да го направам тој гест’. Тој го користеше Хофман како блок за скицирање, и во тој поглед Хитлер беше многу модерен политичар. Се грижеше за тоа како изгледа и за неговата јавна персона“.

- Реклама -