Младиот Ѓорѓиев е адутот на селекторот Јаневски против Хрватска

Новиот македонски селектор Чеде Јаневски е цврсто одлучен храбро да им се спротистави на Хрватите вечерва од 20.15 часот на „Максимир“, на стартот од квалификацискиот циклус за СП 2014 во Бразил.

Јаневски, како што најави уште во Скопје, подготвува офанзивна формација во која сè поизвесно е дека од првата минута шанса ќе добие вардаровиот крилен напаѓач Драган Ѓорѓиев кој во последен момент беше прекомандуван од младата во сениорската селекција.

И покрај тоа што нашиот селектор криејќи го стартниот тим нагласува дека тој ќе биде познат на еден час пред почетокот на натпреварот, по синоќешниот последен наш тренинг, станува сè поочигледно дека ова е тимот кој на „Максимир“ ќе го отвори новиот квалификациски циклус.

Главните дилеми беа во нападот и средниот ред, но сега веќе е јасно дека Јаневски е подготвен со офанзивна четворка од прв момент да ја бареме шансата за позитивен резултат во Загреб. Па, така покрај Пандев и Тричковски во нападот, на страничните позиции се чека почеток за Ѓорѓиев на левата страна и Агим Ибраими на десната офанзивна линија.

Во средниот ред, како последни играчи за врска треба да стартуваат Мухамед Демири и Никола Глигоров кои ќе бидат пред сè задолжени за деструкција на акциите на Хрватите и запирање пред сè на нивниот најдобар фудбалер на средината од теренот, Лука Модриќ.

Во одбраната, повеќе или помалку познато од претходно, на десната страна ќе биде фудбалерот на Стеауа, Даниел Георгиевски, на средината Ванче Шиков и Николче Новески и по левата страна Горан Попов. На голманската позиција стартува Мартин Богатинов, а на клупата треба да биде Томе Пачовски.

На клупата за резервни фудбалери Чеде Јаневски, покрај Пачовски, се очекува да ги има Александар Лазевски, Бобан Грнчаров, Даниел Мојсов, Дарко Тасевски, Ферхан Хасани и Стевица Ристиќ.

Како една од варијантите за наш стартен тим вечерва се издвојува и игра со Дарко Тасевски од првата минута. Во оваа нешто позатворена варијанта би испаднал Драган Ѓорѓиев, со тоа што капитенот Горан Пандев би бил единствен истурен во нападот, а веднаш зад него покрај Тасевски би дејствувале и Тричковски и Ибраими.

- Реклама -