Хотелот со 50 илјади книги

Ако некогаш планирате да стапнете во Обидос, средновековно гратче во Португалија, памтете го хотелов – „The Literary Man“. Зошто? Зашто хотелот воедно е и библиотека, со над 50.000 книги.

Отворен е во 2015-та и сé повеќе се прославува меѓу вљубениците на книгите. Ништо чудно; не само што The Literary Man ја има најголемата колекција од книги, туку таа постојано се зголемува, и тоа со фуриозно брзо темпо. Најголемиот дел од книгите се на англиски, секако.

А ги има насекаде низ хотелот. На ѕидовите, во пространото фоаје, на наткасните до креветите во секоја од 30-те соби, во џин-барот, па дури и во старата винска визба. Има секакви жанрови, од новели и поезија, до готвари.

Ама чекај, што ако си таму на два дена и сакаш да ја дочиташ книгата што не си успеал да ја завршиш? The Literary Man ти дава можност да ја купиш. Тоа важи за речиси сите книги во хотелот, вклучително и наслови што се толку ретки и стари што чинат и до 550 долари.

Па да, The Literary Man e всушност два бизниса во еден: и хотел, и книжара. Згора на тоа, повеќето посетители всушност преферираат да остават книга, наместо да купат. Како резултат, колекцијата наскоро ќе брои 100.000 книги.

„Нашите гости обожаваат да носат свои книги и да ни ги оставаат во колекцијата, а тие што не ги носат книгите со нив, обично ни ги праќаат подоцна во форма на донација“, велат од хотелот.

Хотелов во Обидос не е единствениот ваков хотел во светот, но има убедливо најголема колекција. The Library Hotel во Њујорк има 6.000 books, а The Nines во Портланд и Book and Bed hotel во Токио имаат по 3.000 книги. Па, ако сакате да ве опкружуваат книги каде и да погледнете, а не ве пуштаат да живеете во библиотека, The Literary Man ви е најдобар избор.

- Реклама -